Економија
Новиот закон за буџети наскоро влегува во собраниска процедура
На денешната редовна седница Владата го разгледа и усвои предлог-законот за буџети со цел имплементација на реформите во процесите на планирање и извршување на буџетот, зајакнување на фискалната дисциплина, стабилни фискални проекции за среднорочен период, интегрирање на процесите во јавните финансии и подобрена транспарентност.
Со оглед на тоа што постојниот Закон за буџети е од 2005 година, со новиот предлог-закон се предвидени неколку дополнителни измени и допрецизирања и со него се уредени постапките за изготвување, донесување и извршување на буџетот и буџетите на единиците на локалната самоуправа и Град Скопје, како и известување за извршување на буџетот. Потребата за изработка на целосно нов закон е со цел подобрување на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање како еден од најголемите приоритети на Владата, како дел од процесот за пристапување во Европската Унија.
Новиот закон за буџети, кој треба да важи од 1.1.2023 година се вклопува во концептот СМАРТ- финансии, односно истиот е со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност и ќе биде доставен во собраниска процедура.
Денеска на седницата беше разгледан и прифатен и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, по скратена постапка. Со предложените измени и дополнувања се предлага со денот на влегување во сила на Предлогот на Законот да престане да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба. Предложените измени сè со цел да се продолжи со примена на новиот начин на пресметување на акцизата за одредени енергенти во зависност од движењето на малопродажната цена на соодветниот енергент на светските берзи и истовремено ќе се овозможи и понатаму да се користи и механизмот кој овозможува постепено враќање на постојните износи на акциза во услови на нормализирање на цените на пазарот на нафтени деривати, а кои се веќе воспоставени со донесувањето на Уредбата со законска сила. Дополнително, со измените се предлагаат одредби кои се во насока на доработување, појаснување и прецизирање на одредбите од Законот за акцизите.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за усвојување на ревидирана единствена листа на проекти усогласена со Економскиот и инвестициски план на Европската Унија за Западниот Балкан, во која ќе влезат сите планирани проекти во следната фаза. Се задолжуваат сите институции кои сакаат да аплицираат на повиците објавени во рамките на Инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан (ВБИФ) за техничка помош и инвестициски грант, да ја почитуваат процедурата за аплицирање преку обезбедување позитивни мислења од меѓународните финансиски институции, Министерство за финансии и надлежните министерства (доколку се работи за јавни претпријатија) до 25 јануари 2021 година и за истото да го известат Секретаријатот за европски прашања, кој подоцна ќе ја информира Владата на Република Северна Македонија.
На денешната седница беа разгледани и усвоени повеќе Програми за работа во разни области за тековната 2021 година меѓу кои: Од Министерството за наука и образование, Програмата за научно-истражувачката дејност за 2021 година, кој ги опфаќа финансиските средства наменети за финансирање на научно-истражувачката дејност и тоа за:
1. Програми на Јавните научни установи и единици насочени кон науката при државните универзитети,
2. Национални научноистражувачки проекти
3. Билатерални научноистражувачки проекти,
4. Организација на научни собири,
5. Издавачка дејност (научни книги),
6. Учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири во странство,
7. Студиски престои во странство и престој на странски научни истражувачи во Република Северна Македонија,
8. Објавување на научни трудови во странски научни списанија (со импакт фактор), надоместок за средства за објавени научни трудови во списание со импакт-фактор,
9. Стипендии за млади научноистражувачки кадри на втор и трет циклус во земјата и странство:
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус во странство според Шангајската ранг-листа,
– стипендии и уписнини за студии од трет циклус во странство според Шангајската ранг-листа,
– еднократен надомест за одбрана на магистерски труд,
– еднократен надомест за одбрана на докторски труд,
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус за студии во странство од областите на ликовната уметност, кинематографијата и филмската продукција, драмската уметност и музиката,
– стипендии за последипломски студии на Јавна научна установа Институт за филм, филмска академија-Охрид,
– стипендии и уписнини за постдипломски студии по старотурски јазик,
– стипендии и уписнини за студии од втор циклус за ФАМУ, Република Чешка,
– објавување на творечки субвенции за творечки дејности,
– стипендии за студии од втор и трет циклус на студии на странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија по основ на билатерална и мултилатерална меѓународна соработка,
– Стипендии „Борис Трајковски“ студии од втор циклус за извршната МБА програма на Универзитетот Шефилд и
– Стипендии и школарини за последипломски и докторски студии во согласност со Законот за правата на претседателот на Република Северна Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата,
10. Програма за техничка култура,
11. Државна награда „Гоце Делчев“,
12. Контрибуција на членарини во Меѓународни организации,
13. Ќе се подржува престојот на постдипломци, универзитетски професори во Република Северна Македонија во рамките на ЦЕЕПУС програмата за 2021 година,
14. Други расходи – исплата на експертски и советодавни тела, исплата на рецензии, објавување на огласи, конкурси и други активности.
Од истото министерство беше предложена и усвоена и предлог-програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2021 година, како и предлог-програма за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за истата година.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика за оваа година беа разгледани и усвоени предлог-програмата за развој на дејноста за заштита на децата, како и Предлог -програмата за остварување на социјалната заштита, кои опфаќаат исплаќање на средства за исплатата на декемвриските надоместоци од сферата на детската и социјалната заштита.
На денешната седница беше разгледан и утврден и текстот на предлог-законот за изменување на Законот за социјалната заштита, кој во редовна постапка ќе биде доставен до Собранието. Со измените се предвидува овозможување на услугата лична асистенција да ја користат и деца од шестгодишна возраст со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности и тоа заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, кои дете без попреченост вообичаено ги врши без поддршка. Со предложените измени се очекува 200 деца да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец.
Владата соопшти дека ја усвоила и Информацијата за содржината на Програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2021 година. Годишната програма за инвестиции во културата за 2021 година содржи 14 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и Националните установи од областа на културата кои се носители на активностите. Финансиските средства потребни за реализација на активностите од Годишната програма за инвестиции во културата за 2021 година, се предвидени во Буџетот на Министерството за култура за 2021 година во износ од 207.000.000,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина
Економија
(Видео) Цветков: Додека власта си дели тендери, нема пари за поголема минимална плата
Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, на денешната собраниска седница упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кое се однесуваше на минималната плата и дека, власта нема пари за нејзино зголемување, додека истовремено, како што рече, продолжува да си дели тендери.
„Во изминатиот период сме сведоци на континуиран раст на цените на основните животни производи. Храната поскапува, сметките растат, а инфлацијата директно го јаде и она малку што работниците го добиваат на крајот на месецот.
Во такви услови минималната плата не расте со исто темпо, туку заостанува, оставајќи илјадници семејства во постојана финансиска неизвесност.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од сè поголемиот раст на цените е огромен. Денес ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби.
Инфлацијата од 4,1 проценти и вртоглавиот раст на цените го загрозуваат животниот стандард. Платите постојано стојат во место, а Владата упорно тврди дека нема финансиски простор за нивно зголемување.
Денес зборуваме за минималната плата како единствен приход за десетици илјади граѓани во оваа држава. Зборуваме за плата од која треба да се платат кирија или кредит, сметки за струја и греење, храна, лекови, училишни потреби и превоз.
И кога сето тоа ќе се собере, станува јасно дека минималната плата одамна не обезбедува ниту минимум достоинство“.
Постојано зборувате, додаде тој, за економски раст, за стабилни индикатори и за успешни политики, но прашањето, како што рече е, за кого е тој раст.
„Секако не е за работникот кој живее од минимална плата. За него секој нов месец е нова борба дали да купи храна или да плати сметки. Тоа, министре, не е економска стабилност, тоа е сиромаштија.
Потрошувачката кошница јасно покажува дека минималната плата не ги покрива ни основните потреби. Покрај тоа, вашето министерство, кое вие го водите, нема понудено јасен план како минималната плата ќе се усогласи со реалните трошоци за живот.
Почитувани, економијата не се мери во број на тендери, туку во квалитетот на животот на граѓаните, односно на работниците. А, денес квалитетот на животот на работниците е на самото дно.
Држава во која работник што работи полно работно време не може да живее од својата плата е држава која потфрлила во својата основна социјална функција“.
Според него, барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и 100 евра зголемување во останатите сектори, е оправдано и неопходно.
„Ние, како опозиција, целосно ги поддржуваме барањата на работниците и Сојузот на синдикатите. Секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Оттука и моето прашање до вас, министре:
Дали ќе поддржите суштинско зголемување на минималната плата, односно дали ќе го поддржите барањето на работниците и ќе ја зголемите минималната плата на 600 евра, како и 100 евра за останатите“, праша пратеникот.

