Економија
Новиот изглед на Жито Лукс, одраз на идните цели и развојни планови на компанијата
Со нови бои, ново лого и нов, модерен дизајн на сите пакувања, Жито Лукс го претстави својот нов визуелен идентитет. Унапредувањето на постоечкиот изглед на брендот e одлука на компанијата направена по низа испитувања на мислењето на потрошувачите и нивната перцепција за брендот.

„Огромен е предизвикот да се направи промена, посебно кога се работи за етаблиран бренд со долга традиција и голем успех на пазарот. Но, времињата со себе носат потреба за промени на сите полиња. Покрај низата инвестиции со кои Жито Лукс во последните неколку години работи на подобрување и унапредување на производниот процес и на квалитетот на производите, беше потребно тие промени да бидат поддржани и со модернизација на сопствениот изглед со што би се зајакнала и перцепцијата на купувачите, посебно на помладите генерации за брендот”, изјави Генералниот директор на Жито Лукс , Димитрис Плакуцис.

Боите и формите на новото лого ги поврзуваат двата извори на живот, сонцето и лебот, а неговата динамика го отсликува стремежот на компанијата за постојано движење во насока на позитивни мали и големи промени што дополнително ќе овозможат раст, развој и просперитет.

Енергијата што зрачи од новите пакувања има за цел дополнително да го нагласи врвниот квалитет на производите на Жито Лукс како предуслов за создавање задоволни и лојални потрошувачи.

„Во сите елементи што го отсликуваат нашиот нов визуелен идентитет сакавме да ја нагласиме симболиката, но и да ја задржиме традицијата што се гради веќе 78 години од многу генерации кои со својата работа и труд успеаја од Жито Лукс да создадат лидер во мелничко-пекарската индустрија”, велат од Жито Лукс.

Новиот изглед, како и идните развојни планови, компанијата ги претстави пред новинари, креатори на јавното мислење, вработени и дел од потрошувачите.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.
Економија
Почна исплатата на „Мој ДДВ“, повик до граѓаните со погрешна сметка да ги ажурираат податоците
Управата за Јавни Приходи – УЈП ја почна исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
До денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
Напомeна: во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
„Апелираме Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, велат од УЈП.

