Економија
Ново поскапување на цените на горивата од полноќ

Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит, додека малопродажната цена на еуродизел (Д-Е V) се зголемува за 3,00 ден/лит.
Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,809 ден/кг и сега ќе изнесува 56,317 ден/кг.
Од 14.6.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 111,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 113,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 107,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 105,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 56,317 (денари/килограм)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и стабилност

„Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.
Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.
Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.
Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.
„Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување на Кодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.
Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
Божиновска: Заврши јавниот оглас за финансиска поддршка за електрична енергија на ранливи потрошувачи

Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, заврши на 30 август 2025 година, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„На огласот пристигнаа вкупно 878 барања, распределени по следните категории: Домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост: 227; Домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост: 296; Домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица: 201; Домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица: 154.
Комисиите, како што е истакнато вом соопштението, задолжени за обработка на пријавите веќе се во процес на разгледување. Почнувајќи од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции опфатени со Јавниот оглас и Програмата – Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија.
Комисиите, составени од по три члена, ќе ја вршат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот. Финансиската поддршка се обезбедува преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека со оваа мерка се испраќа јасна порака дека државата стои зад оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби.“
Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за струја, започнувајќи од месецот по објавата на списокот на корисници. Согласно правилата, неплаќањето на две последователни сметки доведува до укинување на решението за финансиска поддршка.
Министерството потсетува дека сè уште е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот, а сите информации и потребни обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.