Економија
Нов јавен повик од Фондот за иновации: еден милион евра за старатап и спиноф-компании
Фондот за иновации и технолошки развој го објави новиот јавен повик за финансиска поддршка за новоосновани стартап и спиноф-компании. Презентацијата на инструментот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва стартап и спиноф, како и критериумите и условите за аплицирање, се одржа на Економскиот факултет во Скопје. Во фокусот на оваа програма, поддржана од Светската банка, се младите, а целта е поттикнување на иновативноста преку истражување и развој на нови бизниси.
Пред студентите и претставниците на бизнис-заедницата, првиот човек на ФИТР, Јован Деспотовски, се осврна на актуелните активности на Фондот порачувајќи им да се охрабрат и да аплицираат.
„Фондот им дава приоритет на младите бидејќи тие се идните двигатели на економскиот раст. Токму она на што интензивно работиме во моментот е да го поттикнеме потенцијалот на иновативноста во сите индустрии, вклучително и финансиската. Би го охрабрил овој факултет и сите други факултети во државата да станат работилници за валоризација на идеи од кои ќе произлеат нови успешни предлог-проекти“, рече Деспотовски.
Тој ги повика и младите да ги искористат можностите што ги нуди Фондот.
„Ги повикувам младите да почнат да размислуваат како целосно да се реализираат тука, дома, за да создадеме генерации што нема да бидат јавни службеници или ќе го поттикнуваат економскиот раст на некоја странска земја, туку ќе се реализираат тука“, образложи Деспотовски.
Сашо Арсов како домаќин на настанот и раководител на катедрата по менаџмент се осврна на актуелниот јаз помеѓу реализацијата на добра бизнис-идеја и конкретната финансиска помош за нејзино материјализирање и го посочи токму Фондот како институција што успешно ја пополнува таа празнина.
„Добро е познато во економијата дека компаниите што вработуваат луѓе со добри и иновативни идеи и проекти остваруваат подобра позиција на пазарот и економски просперитет. Младите луѓе со своите иновативни продукти го зголемуваат и потенцијалот на самите компании. Македонија треба тие млади луѓе и проекти да ги апсорбира во економијата. А јазот што сме свесни дека постои меѓу добрата идеја и нејзината реализација се пополнува со Фондот за иновации и технолошки развој, кој финансира токму вакви проекти“, потенцира Арсов.
Професорот Арсов ги повика, пред сè, студентите, но и другите присутни на настанот, да се охрабрат да работат на своите идеи и да аплицираат на јавните повици на ФИТР.
Вкупниот буџет на повикот е 1 милион евра, а максималната сума што може да биде доделена од страна на ФИТР е до 85 отсто од вкупната вредност на проектот, односно 30.000 евра. Преостанатите 15 проценти ги обезбедува самиот апликант.
Јавниот повик за кофинансирани грантови за стартап и спиноф-компании на Фонд за иновации и технолошки развој е објавен денес (22. 10. 2018 год) и ќе трае до 11 декември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

