Економија
Објавен нов повик од ИПАРД 2, 16,6 милиони евра за инвестиции во фарми микро и мали претпријатија
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави Јавниот повик за Мерката 7 „ Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2 Програмата. Вкупно на располагање за реализација на инвестиции по оваа мерка се 16,6 милиони евра. Заинтересираните апликациите може да ги достават најдоцна до 18 ноември 2019 година.
Оваа мерка овозможува инвестиции во модернизација на постоечките или отворање на нови погони за производство на тестенини, пијалоци, колачи, пекарски производи, фарми за одгледување на зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, аквакултурни фарми за слатководна риба, сместувачки капацитети како и отворање на ресторани кои нудат угостителски услуги. Согласно програмата до 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2 Програмата.
„Со ефикасно искористување на оваа мерка ќе се придонесе за отворање на нови работни места во руралните средини со што ќе се намали руралната депопулација, подобрување на квалитетот на живот во руралните средини и зголемување на нивото на економската активност. Преку оваа Мерка „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси го развиваме најмоќниот дел на економијата а тоа се малите и средни претпријатија кои се силата на домашната економија.“- истакна министерот за земјоделство Димковски.
Димковски и Бабовски, потенцираа дека заинтересираните корисници на средства од ИПАРД 2 Програмата на овој Јавен повик треба уште при поднесување на барањето за финансиска поддршка да ги имаат сите документи кои се наведени во Упатствата за корисници. Финансиската поддршка ќе се одобри за сите целосно комплетни и соодветни барања за користење на средства во рамките на расположливите средства по мерка 7 „Диверификација на фарми и развој на мали бизниси“ а врз основа на извршена административна и контрола на лице место. Бабовски, истакна дека расте интересот за искористување на средства од ИПАРД 2 по сите мерки.
„Преку првиот повик од ИПАРД 2 за мерките 1, 3 и 7 склучени се вкупно 947 договори, 644 апликанти ги завршиле инвестициите и кај нив се вратени 8,1 милиони евра средства кои се свеж капитал во агро – секторот. Во моментов тече и обработката на апликациите за Мерките 1 и 3,од вториот и третиот повик на ИПАРД 2. До денеска за двете мерки потпишани се 45 договори со вкупна вредност од 3,6 милиони евра. Во наредниот период се очекува да се склучат и договорите со сите кои се соодветни за финансиска поддршка од ИПАРД 2. До крајот на оваа година се очекува вкупно да се исплатат 11,6 милиони евра за сите целосно реализирани и исплатени проекти. – истакна директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.
МЗШВ заедно со Платежната Агенција во наредниот период преку сите мерки и политики ќе создаваат поволна бизнис клима за раст и развој на домашната економија, а еден од начините е токму ефикасната искористеност на мерките од ИПАРД програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

