Економија
Објавен јавниот повик за бесплатен одмор за работниците со ниски примања

Јавниот повик за организиран одмор на работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-износот од 22.000 денари е објавен денеска и ќе трае до 30 август, а користењето на годишниот одмор ќе може да се реализира најдоцна до 30 ноември 2019 година.
Документите потребни за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството за економија, како и деталите за потребната документација, а може да се обезбедат и преку архивата на Министерството.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека со оглед на зголемениот интерес на граѓаните и оваа година ќе продолжи мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење годишен одмор.
„Оваа мерка ги постигна резултатите уште во првата година. Во 2018 година беа издадени над 1.700 потврди, што значи толку семејства искористија одмор во туристичките места во државата што резултира со раст на бројот на домашни туристи во 2018 година од 12 отсто во споредба со 2017. Притоа најпосетени места беа Охрид, Попова Шапка, Маврово и Берово. Оваа година издвоивме 20.000.000 денари за оваа цел така што сите вработени што ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето-приход од вкупно 22.000 денари, ќе имаат право на субвенции од 15.000 денари. Корисниците на овие ваучери ќе имаат на располагање голем број категоризирани хотели во земјата за сместување, кои се претходно пријавени во Министерството за економија и со кои имаме склучено договор за соработка“, истакна Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, лицемерен бил предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата

Лицемерни се предложените измени од пратениците од СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата, изјави Игор Здравковски од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкото мнозинство не даде поддршка за овој предлог во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по седум години власт, социјалдемократите предлагаат мерка за намалување на ДДВ на храната и струјата, а претходно ги зголемија стапките на ДДВ на стотици артикли.
„Во ситуација на енергетска криза, кога цената на берзите беше над 800Е за MWh, тие беа глуви на барањата на потрошувачите, на опозицијата и на граѓаните, па не дадоа ниту време, ниту модус да застанат на страна на граѓаните. Напротив, го искористија моментот да го искрадат и уништат енергетскиот сектор преку матни тендери. Економските и енергетските генијалци, успеаја цената на производот на електрична енергија да ја качат од 45Е на 133Е за MWh. Денес цената на струјата е стабилна, а покачувањето е 1,48 отсто во последните 8 месеци“, рече Здравковски.
Како што додаде, со активните мерки со ограничување на маржите ќе има запирање на инфлацијата на храната, а со тоа и заштита на стандардот на граѓаните.
До СДСМ порача, наместо да се однесуваат лицемерно,во иднина да ги прифатат мерките на Владата и конструктивно заедно да работат за доброто на граѓаните.
Предлогот на СДСМ предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема. Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Пратеникот Фатмир Битиќи изјави дека нмалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните.
Економија
Од полноќ поевтинуваат горивата

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,256% или за 9,300 $/тон, кај дизелот намалувањето е во просек за 0,356% или за 2,550 $/тон, кај екстра лесното масло намалувањето е во просек за 0,325% или за 2,300 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 0,247% или за 1,200 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се намалуваат за 1,00 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,00 ден/лит, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 81,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ1), се намалуваат за 0,50 ден/лит, во однос на малопродажните цени утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 73,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) изнесува 73,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 0,012 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на
нафтените деривати и горива за транспорт од 20.02.2025 година и со тоа малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 46,178 ден/кг.
Економија
Не помина предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на струјата и храната

Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои предложивме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, објави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Како што рече, во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки, што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна.
Предлогот предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема.
Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните, рече Битиќи.
Најави дека СДСМ ќе продолжи политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговските практики, за поевтин зелен картон и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.