Економија
Одржана работна мисија на Светската банка во Народната банка: натамошна поддршка за унапредување на решавањето банки
Финансиски експерти од Центарот за советување за финансискиот сектор (ФИНСАК) при Светската банка остварија средба со гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и со надлежните тимови на Народната банка. На средбата се разговараше за досегашните и за идните активности во рамките на техничката поддршка којашто Центарот за советување за финансискиот сектор веќе подолг временски период ѝ ја дава на Народната банка.
Во фокусот на оваа техничка поддршка е операционализацијата на функцијата за решавање банки, во согласност со новиот Закон за решавање банки. Активностите во овој домен се насочени кон подготовка на упатства, работни процедури и алатки што ќе ѝ овозможат на Народната банка ефикасно и навремено да ги спроведува своите надлежности во оваа важна област. Станува збор за практична поддршка при градењето на капацитетите потребни за подготовка на плановите за решавање банки и при оценувањето на можноста за нивно решавање, соопштуваат од Народната банка.

Покрај ова, како дел од пошироката соработка, се разгледаа и сегашните активности поврзани со управувањето со климатските ризици од страна на банките. Техничката поддршка од ФИНСАК во оваа област вклучува помош за подобрување на супервизорските пристапи преку вградување на климатските фактори во процената на ризиците на банките, како и за воспоставувањето на климатските стрес-тестови за банкарскиот систем.
Соработката на Народната банка со ФИНСАК е долгогодишна и од неа досега произлегоа значајни постигнувања, особено во делот на подготовката на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за решавање банки. Решавањето банки претставува важен инструмент за заштита на финансиската стабилност, којшто овозможува контролирано справување со проблематични банки без нарушување на интересите на депонентите и на даночните обврзници. Народната банка и натаму активно ќе работи на зајакнување на регулативата и на институционалниот капацитет во согласност со најдобрите меѓународни практики, со цел да обезбеди сигурен и отпорен финансиски систем, се додава во соопштението од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

