Економија
Одржана редовна седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 29 август 2024 година, го разгледа и го усвои Извештајот за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал од 2024 година, извести НБ.
Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4.338 милиони евра. Дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје. Управувањето со девизните резерви беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство.
Во согласност со принципот на сигурност, при позначителна променливост на финансиските пазари, беа зголемени најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање. Насочувањето на инвестициите во најбезбедни инструменти соодветствуваше со пазарното опкружување коешто во текот на вториот квартал се одликуваше со променливи движења, условени од динамиката на инфлацијата во еврозоната. Инвестициската активност се приспособуваше кон поволните економски остварувања на глобално ниво, во согласност со сигналите на централните банки за попретпазлив пристап во однос на намалувањето на референтните каматни стапки.
Имајќи ја предвид утврдената инвестициска рамка, најголемиот дел од девизните резерви на крајот од јуни се распределени во хартии од вредност (60,1%), по што следуваат валутите и депозитите (28,8%) и монетарното злато со 11,1%. Девизните резерви во земјите од еврозоната и натаму имаат највисока застапеност во географската распределба на девизните резерви, а од аспект на валутната структура преовладуваат пласманите во евра, во согласност со примената на монетарната стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото.
На седницата на Советот на Народната банка се донесоа и повеќе акти со коишто се врши усогласување со најновите измени во законската регулатива поврзани со работењето на Народната банка. Советот, исто така, ги разгледа и ги усвои полугодишните финансиски извештаи, соопшти Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

