Економија
Од денеска почнува етапната исплата на декемвриските пензии
Oд денеска почнува етапната исплата на декемвриските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
– В понеделник, на 28.12.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во вторник, на 29.12.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– В среда, на 30.12.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
– В четврток, на 31.10. 2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од понеделник, 28 декември. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
Потсетуваме на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата, како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски на економски и политички средби во Вашингтон: „Се лобира за интересите и напредок на државата“, велат од Владата
Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, кои се оддржаа во Вашингтон.
Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, со кого го проследи поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓу другото, престојот во Вашингтон беше искористен и за многубројни средби на кои се лобира за македонските интереси, соопштија од владината прес-служба.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“, организирана од компаниите „Трамп медија“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и со администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзорастечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн., нашиот глас е сè посилен“, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.
Истовремено, македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“, компанија што има годишен приход од речиси 4 милијарди американски долари и приближно 5.000 вработени. Компанијата е основана 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.
„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументите да бидат појасни и посилни во светот. Обновуваме, но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да ѝ помогне на државата“, истакна Мицкоски за средбата.
Претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски. се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во светот, која управува со дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.
За средбата Мицкоски истакна:
„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестијата на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме“.
Економија
И со намалени цени минималната кошничка за јануари е поголема за 391 денар, за преживување на четворица потребни се 62.861 денар
Вредноста на минималната синдикална кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за јануари изнесува 63.252 денара или во сооднос со вредноста на синдикалната минимална кошничка за декември, која изнесуваше 62.861 денар, е зголемена за 391 денар, сооопшти денес претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Делот за храна и пијалаци, место да бележи намалување за најмалку 10 проценти, како што ветуваа трговците, бележи зголемување за 123 денари.
„Загрижува она што од почетокот на минатата година до оваа година, или за 12 месеци, вредноста на синдикалната минимална кошничка во делот на храната и пијалаците е зголемен 10,43 %. За граѓаните, со последното ненамалување на цените од страна на овие алчни трговци, произлегува дека трошокот е зголемен најмалку 20 % имајќи предвид дека зголемувањето од 10 % и ненанамалувањето од 10 %, ако ги соберете, посиромашни сме за најмалку 20 %“, рече Трендафилов.
За една година минималната потрошувачка кошничка се зголемила 6.989 денари, односно скокнала 10,65 %, факт што Трендафилов вели дека ќе оневозможи инфлацијата во земјата да биде 3,5 % имајќи предвид дека синдикалната кошничка ги предвидува само најнеопходните производи со кои едно четиричлено семејство може да го протурка месецот.
Синдикатот го утврди она за што граѓаните алармираа – трговците ги зголемија цените 20 % кога немаше мерки за потоа фиктивно да ги намалат кога почна мерката. За откривање на ваквите случаи Трендафилов вели дека подготвуваат сериозни чекори.
„Како ССМ размислуваме да преземеме сериозни чекори и во насока на тоа им укажеме на граѓаните што е добро, а што лошо. Имајќи предвид дека сите ние знаеме дека во изминатите неколку месеци овие трговци се покажаа како далеку лош пример за македонската економија, особено ако знаеме дека минатата година имаа енормни профити и енормни добивки, а оваа година ССМ ќе се погрижи да ги извади сите завршни сметки на овие големи трговски маркети и синџри маркети за да видат како тие неоправдано се богатат на грбот на граѓаните и на работниците“, најави Трендафилов.
Трговците, по чии критериуми беше креирана последната мерка за намалување на цените за најмалку 10 %, Трендафилов смета дека ја прелажале Владата двапати повеќе отколку што ги прелажаа граѓаните. Тој апелира Владата, доколку навистина сака да им помогне на граѓаните, да креира мерки без да информира за тоа и без да прави консултации со трговците.
Економија
Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи
Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.
Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.
„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени “, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост“, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.
Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.
Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.