Економија
Од следната година Министерството за транспорт и врски ќе поставува интелигентни транспортни системи на Коридор 10
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски заедно со министрите за транспорт и инфрастуктура од земјите на Западен Балкан ја потпишаа заедничката Декларација за имплементација на Интелигентни транспортни системи.
Со Декларацијата земјите од Западен Балкан се залагаат за воведување на интелигентни системи во железничкиот и патниот сообраќај на европските коридори, како предуслов за ефикасен транспорт.

Министерот Бочварски истакна дека развојот и имплементацијата на Интелигентни транспортни системи се суштински развојот на транспортните мрежи по европски стандарди и нагласи дека патот на Северна Македонија во овој дел е целосно фокусиран на модернизација на Коридорите преку вакви ИТС системи.
На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата ја донесе Националната стратегија за Интелигентни транспортни системи 2023-2032 и во Националната стратегија се наведени целите за нивна имплементација во периодот до 2030 година.
„Првиот квартал од 2024 година очекувам да избереме изведувач и да започнеме со имплементација на ИТС системи долж Коридорот 10 и тоа од Велес до Граничен премин Богородица, а во втора фаза да се постават и од потегот од Велес кон граничниот премин Табановце. Ова вклучува поставување на системи за управување со сообраќајот и тоа знаци со променлива содржина, систем со камери за броење, систем за категоризација на возила, метеоролошки станици за следење на временските услови и регионален контролен центар за ИТС.“ – изјави министерот Бочварски.

Како среднорочна цел предвидена е имплементација на ИТС и на Коридорот 8, како и делницата Тетово – обиколница Скопје – Миладиновци до Штип.
На панелот за ИТС системи во рамките на Министерскиот совет, министерот Бочварски потенцираше дека воведување на вакви информатичко-комуникациски технологии во сообраќајот ќе придонесат за побезбеден, поефикасен и одржлив транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

