Економија
Од четврток блокади на патот Кавадарци – Дреново, вработените во „Еуроникел“ бараат државата да им врати ДДВ за да исплатат плати
Осумстотини вработени во фабриката „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“, од четврток повторно ќе го блокираат патот Кавадарци – Дреново оти државата не им исплаќа поврат на ДДВ, што во овој момент велат дека им е единствен начин да исплатат плати за октомври. Претседателот на синдикалната организација, Миле Ѓорѓиев, вели дека и покрај тоа што веќе се сретнеле и со владини претставници за помош за исплатата на ДДВ, а договориле и банката да им направи отстапка оти сметката е блокирана, уплата нема.
„Денес, ќе ги пријавиме блокадите во полиција и од четврток повторно излегуваме на улица. Нема друг начин да исплатиме плати, ГСОЛ се откажа од фабриката, а државата еве не ни го исплаќа ДДВ и нема објаснување зошто не ни исплаќа. За август УЈП ни должи 1,2 милион евра, пари со кои два месеца можеме да исплатиме плати и придонеси, а веќе ќе ни стигне и извештајот за исплата на повратот на ДДВ за септември, кој изнесува 1,1 милион евра. Секаде се обративме, никој не ни помага, па за да не чујат, ќе излеземе на улица“, вели претседателот на Синдикатот, Ѓорѓиев, за „Макфакс“.
Од протести и блокади нема да се откажат сѐ додека не им бидат исплатени платите, а од следната недела размислуваат да почнат со порадикални мерки, кои подразбираат проширување на блокадите и на други патишта.
Од Управата за јавни приходи за „Макфакс“ изјавија дека прават контроли во „Еуроникел“, но она што ќе биде констатирано е даночна тајна.
„Кај посочениот даночен обврзник во тек е надворешна контрола по основ на даноци. Како и досега, така и во овој случај, во согласност со член 9 од Законот за даночната постапка информацијата во однос на исходот од контролата, како и констатациите од неа, преставуваат даночна тајна“, велат од Управата.
Со надворешната контрола се врши проверка на целокупното работење на даночниот обврзник за одреден даночен период, односно се контролира правилното искажување на приходите и трошоците од работењето, и тоа кај даночните обврзници што покажале одредени отстапувања во однос на избраните критериуми, направени анализи, примени пријави и преставки, сознанија од други органи.
Додека ги чекаат парите од УЈП за да исплатат плати, од Синдикатот велат дека ќе ја поддржат секоја компнаија што ќе се понуди да ја преземе фабриката заедно со вработените и нема да дозволи да биде отворен стечај.
За поранешно „Фени“ стечајна постапка последен пат беше отворена во 2017 година за време на локалните избори кога парлалелно со судските рочишта и низа протести и блокади на вработените фабриката ја презеде швајцарскиот фонд ГСОЛ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

