Економија
„Окта“ ќе донира соларен полнач и паркинг за велосипеди на УКИМ – објавен конкурсот за изработка на идеен проект
По повод 45-годишен јубилеј на ОКТА, а во рамки на повеќегодишната општествено одговорната платформа #ЈасВнимавам, компанијата во соработка со Центарот за кариера при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, објави награден конкурс за изработка на идеен проект за иновативно решение на фотоволтаичен полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети. Наградениот проект ќе биде изграден во рамки на кампусот на УКИМ, како донација од ОКТА.
Конкурсот е наменет за тимови составени од студенти на Архитектонски факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Градежен факултет и Машински факултет, кои своите пополнети пријави за учество треба да ги достават до Центарот за кариера на УКИМ, најдоцна до 12 април 2023 година. Повеќе детали во врска со отворениот конкурс, како што се правилата за учество, насоките за изработка на проектот, образецот за пријавување и останатите потребни информации за заинтересираните тимови, се објавени на интернет страниците на ОКТА и УКИМ.
„Оваа 45та јубилејна година од своето постоење, ОКТА ќе ја одбележи со низа од општествено одговорни активности поврзани со стратегијата на компанијата за енергетска трансформација и одржлив развој. Во тој контекст и во таа функција е и овој награден конкурс, со којшто ги повикуваме студентите од соодветните факултети да се вклучат. Нивната креативност и знаење ќе бидат клучни во изградбата на овој соларен полнач и паркинг за велосипеди, којшто OKTA ќе го донира на УКИМ“ – изјави Марија Ставрева, менаџер за корпоративна општествена одговорност и комуникации во ОКТА АД – Скопје.
Тимовите кои во предвидениот рок ќе се пријават за учество на конкурсот ќе имаат задача најдоцна до 31 мај 2023 година да го подготват и достават својот идеен проект. Предложеното иновативно решение треба да содржи фотоволтаичен систем за полнење на електрични велосипеди, тротинети и останати електронски уреди, како и дополнителен простор за одмор и релаксација на корисниците.
„Во името на Центарот за кариера на УКИМ сакам да упатам голема благодарност до ОКТА за овој исклучително полезен проект и истовремено да упатам апел до сите студенти од техничките факултети на УКИМ да ја искористат оваа можност и на дело да ги покажат своите способности за тимска работа, стекнатото знаење во текот на студирањето и креативноста“, вели професор д-р, Јасмина Тониќ Рибарска, раководител на Центарот за кариера при УКИМ.
Донацијата на соларниот полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети е дел од општествено одговорната платформа на ОКТА, #ЈасВнимавам, чија главна цел е поттикнување повисока општествена свест за лична и колективна безбедност во сообраќајот. Во 2017 година оваа платформа беше прогласена за најдобра национална општествено одговорна практика, по што компанијата продолжи континуирано да реализира бројни активности посветени на безбедноста во сообраќајот.
Во рамки на одбележувањето на 45-годишниот јубилеј на ОКТА, оваа година предвидени се повеќе проекти и донации поврзани со определбата на компанијата за одржлив развој и трансформација кон обновливи извори на енергија.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

