Економија
Олеснување на вложувањето во хартии од вредност во странство, по седницата на Советот на НБРМ
На редовна седница на Советот на Народна банка беше усвоена одлуката за изменување и дополнување на одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.
Со донесените измени и дополнувања се прошируваат можностите за отворање и поседување сметка во странство од страна на резидентите за потребите на трансакции со хартии од вредност во странство. Поконкретно, со предложените измени и дополнувања, покрај во странска банка, резидентите можат да имаат сметка и кај овластен учесник на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност, кај платежни институции или институции за електронски пари во странство заради комерцијални цели, но и за тргување со хартии од вредност ако истовремено се и овластени учесници на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност, потенцираат од Народна банка.
Во писмениот допис стои дека Советот на Народната банка ја усвоил изменетата и дополнета одлука за доставување и објавување податоци за извршените активности во платниот промет. Со оваа одлука, како што се појаснува, Народна банка го проширува сетот податоци од доменот на платежната статистика што и досега се прибираа и коишто се во значителна мера усогласени со стандардите и барањата на платежната статистика на Европската централна банка и Банката за меѓународни порамнувања.
„Со цел обезбедување подетални податоци за развојот на дигитализацијата на банкарскиот сектор во земјата, Народната банка ќе зпочне со прибирање годишни податоци поврзани со дигиталната трансформација на платежните услуги и финансиската вклученост на населението во користењето на дигиталните канали за извршување плаќања. Прибирањето податоци од оваа сфера ќе ја зајакне информативната основа за формулирање на политиките за развој на платежните услуги и платните системи во рамките на Народната банка, за дефинирање стратегиски насоки за развој на националниот платен систем во рамките на надлежностите на Националниот совет за платни системи, како и пошироко, за сите засегнати страни во целокупниот финансиски систем во земјата преку зголемување на нивото на транспарентност со објавувањето на овие податоци“, велат од НБРМ.
Дообјаснуваат дека најголемиот дел од новите податоци ќе бидат објавени на интернет-страницата на Народната банка на годишна основа, со што ќе се придонесе за зголемување на транспарентноста во однос на степенот на дигитализацијата во платежната сфера на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

