Економија
ОН: Цените на храната паѓаат шести месец по ред главно поради пониските цени на нафтата
Цените на храната паднаа во септември, шести месец по ред, како одраз на пониските цени на растителното масло што го засени растот на цените на житото, покажа денеска извештајот на Агенцијата за земјоделство на Обединетите нации – ФАО.
Индексот на цените на ФАО на кошниците со основни прехранбени производи падна во септември 1,1 отсто во однос на ревидираната вредност во август, на 136,3 поени. Неговата вредност паѓа од март кога достигна рекордни 159,7 поени, но сепак е 5,5 отсто повисока од истиот месец лани.
Цените на растителното масло паднаа најмногу во септември, 6,6 отсто во однос на август, што се лизна на најниското ниво од февруари минатата година благодарение на зголемената понуда и пониските цени на суровата нафта. Шеќерот, млекото и млечните производи и месото беа нешто помалку од еден процент поевтини отколку во август, откри ФАО.
Слабеењето на еврото во однос на доларот и мрачните економски изгледи ги притиснаа цените на млекото и млечните производи, а месото и шеќерот паднаа благодарение на зголемените резерви на говедско месо од Бразил и добрите изгледи за родот на шеќерна трска во оваа јужноамериканска земја.
Септември донесе повисоки цени само на житните култури, 1,5 отсто во однос на август. Цените на пченицата се зголемија 2,2 отсто поради сушата во Аргентина и САД, силниот извоз од ЕУ и зголемената неизвесност во врска со пристапот на Украина до пристаништата на Црното Море од декември.
Поскапе и оризот, 2,2 отсто, делумно поради загриженоста предизвикана од големите поплави во Пакистан.
Во одделни процени за понудата и побарувачката на житни култури ФАО малку ја намали прогнозата за глобалното производство на житни култури оваа година, на 2,768 милијарди тони, што би претставувало пад од 1,7 отсто во споредба со минатата година. Ова е 1,7 отсто под проценетото производство во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

