Економија
Општините за украсување за Нова година потрошиле 405 илјади евра
За украсување за Новата 2021 година, општините потрошиле 40 % помалку пари од лани, а новогодишни пакетчиња купиле 56 институции. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на трошоците за новогодишно украсување на општините низ земјава и купените новогодишни пакетчиња за децата.
За украсување на Градот Скопје и уште 15 други општини во земјава за Новата 2021 година се потрошени вкупно 405 илјади евра, што е сепак за 40 % помалку од лани. Од украсување за новата 2021 година се откажале девет општини кои имале тендери за претходната година. 14 општини имале тендери за украсување и лани и годинава, а 3 општини и едно државно претпријатие немале лани, но имале тендери за новата 2021 година.
За разлика од дочекот на ланската година кога тендери за украсување имале Градот Скопје и седум скопски општини, за дочекот на оваа година тендери имале Градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар. Украсувањето на Скопје и скопските општини вкупно чинело 298 илјади евра, што е три четвртини од сите пари потрошени за новогодишно украсување во земјава.
И годинава, најголем дел од вредноста на договорите за украсување добиле две скопски фирми – Линк Медиа Плус и Метал-Вет-Ел, а на половина од тендерите имало само по една понуда. Новогодишни пакетчиња за 2021 година купиле 56 институции. 14 од нив спровеле тендер, а другите 42 купиле пакетчиња во вредност под илјада евра за што не се спроведува тендер. Цените на едно новогодишно пакетче се движат од 150 до 1.249 денари.
Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.