Економија
Основната каматна стапка и понудата на благајничките записи непроменети
На редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5 отсто. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, кога сѐ уште постојат ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.
На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија.
„По забавувањето на растот во првиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годината упатуваат на понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност во согласност и со очекувањата. Тие се видливи преку двоцифрениот пад на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото. Сепак, гледано по месеци, поголем дел од надолното приспособување е сконцентрирано во април и мај, а во јуни се забележуваат знаци на закрепнување“, велат од НБРМ.
Во однос на ценовните промени, стапката на инфлација во јули изнесуваше 1,3 %, на годишна основа и 0,6 % збирно за првите седум месеци од годината, главно под влијание на повисоките цени на храната. Ваквите поместувања претставуваат нагорно отстапување во однос на очекуваната стапка на инфлација за 2020 година. Во вакви услови, како и при разни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, постои одредена неизвесност за проекцијата на инфлацијата за 2020 година.
Нивото на девизните резерви на крајот на јули, според сите показатели за адекватноста, и натаму е во сигурната зона. Во текот на јули главните фактори што придонесоа за промената на девизните резерви се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство, а помал придонес имаа и извршените интервенции на Народната банка на девизниот пазар. Надворешната позиција на економијата, во второто тримесечје е малку поповолна од очекуваната при понизок трговски дефицит во однос на проектираниот. Притоа, извозните остварувања се подобри од очекувањата во услови на значително подобрување на активноста на дел од компаниите ориентирани кон извоз во текот на јуни. Расположливите податоци од надворешниот сектор за третото тримесечје од годината се ограничени.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јули покажуваат нивен понатамошен солиден годишен раст, малку повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем во домашна валута беше на релативно високо и солидно ниво, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јули 2020 година упатуваат на сезонски раст на понудата на девизи, главно предизвикан од физичките лица на менувачкиот пазар. Со ова дојде до подобрување на движењата на девизниот пазар на банките со нивните клиенти и натамошно зголемување на девизната ликвидност на банкарскиот систем, што ја намали потребата за интервенции за продажба на девизи на Народната банка. Релативно поволните трендови на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на август.
Во јули сигналите за закрепнување на економскиот раст во еврозоната и Кина, информациите за развој на вакцина против вирусот Ковид-19 и натамошната монетарна и фискална поддршка на најголемите економии создадоа оптимизам кај инвеститорите на меѓународните финансиски пазари, што се одрази со нагорна динамика на берзанските индекси во глобални рамки. Овие случувања беа изразени сѐ до втората половина на месецот кога поради загриженост на инвеститорите поврзана со појавата на втор бран заразени од коронавирусот на глобално ниво и зголемените политички тензии помеѓу САД и Кина, расположението на инвеститорите се промени и предизвика пад на приносите на државните обврзници во еврозоната и САД.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид-19 и натаму постојат како во глобални рамки така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

