Економија
Откажани повеќе од сто летови на „Хитроу“
Лондонскиот аеродром „Хитроу“ откажа повеќе од сто летови пред дводневниот штрајк планиран за следната недела, пренесоа британските медиуми.
Најголемиот британски синдикат „Јунит“ соопшти дека поголемиот дел од четирите илјади членови го отфрлиле предложениот договор за плати пред преговорите на синдикатот со администрацијата на „Хитроу“ и дека штрајкот планиран за понеделник и вторник најверојатно ќе се случи.
Најголемиот аеродром во Велика Британија превентивно откажа 172 летови, додека во тек се последните преговори за да се избегне штрајк, пренесува британски „Телеграф“.
„Менаџментот на ‘Хитроу’ претпочита да плати неколку милиони фунти на авиокомпаниите за надоместоци за откажани летови и да предизвика незадоволство кај патниците, наместо на персоналот да му даде покачување на платите“, велат од синдикатот.
„Јунит“ проценува дека околу 88.000 патници би можеле да бидат погодени доколку 20% од летовите бидат откажани во понеделник и вторник, а „Хитроу“ на авиокомпаниите ќе треба да им плати 2,3 милиони фунти како отштета.
Вкупниот износ би можел да биде двојно повисок ако синдикатот одлучи да одржи уште еден 48-часовен штрајк на 23 и 24 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

