Економија
Охридскиот аеродром достигна 300.000 патници
Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, управуван од страна на ТАВ Македонија, достигна 300.000 патници за првпат, што е значаен пораст од 815% или осумкратно зголемување за период од 10 години.
„Во 2009 година, пред ТАВ да ја преземе работата, охридскиот аеродром имаше 36.652 патници. Во текот на изминатиов викенд ја надминавме бројката од 300.000 патници, што претставува пораст од извонредни 815% или во 10 години успеавме да постигнеме 8 пати поголем патнички сообраќај. Ова е резултат на експанзијата на мрежата на авиолинии на аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ Охрид, за што како аеродромски оператор постојано работиме. По интензивниот пораст на патничкиот сообраќај, во 2020 година ТАВ Македонија ќе изведе градежни работи за проширување на терминалната зграда на охридскиот аеродром. Тоа ќе резултира со удвојување на капацитетот на охридскиот аеродром, каде потоа ќе може да се опслужуваат до 600.000 патници годишно, со 5.000 до 6.000 летови“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Охридскиот аеродром моментално има 22 дестинации, од кои 8 се редовни авиолинии, сите опслужувани од 13 авиокомпании.
„Од аеродром што имаше само неколку дестинации за време на летната сезона во 2009 година, денес охридскиот аеродром опслужува вкупно 22 дестинации. Осум се редовни, односно функционираат во текот на целата година до следниве дестинации: Цирих, Базел, Лондон, Меминген, Милано, Виена, Дортмунд, Малме, додека 14 се сезонски летови до следниве дестинации: Адана, Амстердам, Бергамо, Брисел, Дизелдорф, Ајндховен, Фридрихшафен, Истанбул, Катовице, Мастрихт, Штутгарт, Талин, Тел Авив, Варшава, односно ова се летови што ги има во периодот од април до октомври. Работиме на тоа да го трансформираме охридскиот аеродром во регионален центар, којшто ќе ги опслужува не само македонските патници туку и сите патници од соседните држави. Овие напори се прават заедно со Владата, Министерството за транспорт и врски, авиокомпаниите, општините, како и со надлежните органи од туристичкиот сектор“, објаснува Ерсој.
Бројот на патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид во првите 11 месеци од 2019 година се зголеми за значајни 70%, односно бројот на патници е 296.870, кои беа превезени со 2.469 летови (66,7% годишен раст). Само во ноември охридскиот аеродром имаше завиден пораст од 240% во однос на патничкиот сообраќај, што претставува извонреден резултат постигнат надвор од летната сезона.
Со 53,8% пораст во патничкиот сообраќај во третиот квартал од 2019 година, аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид беше рангиран на листата на најбрзорастечки аеродроми во својата големина, во групата на аеродроми што не се во ЕУ, од страна на Airports Council International Europe.
Двата македонски аеродрома, Меѓународен еродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид, достигнаа 2,5 милиони (2.480.767) патници во периодот од јануари до ноември 2019 година, што претставува годишен пораст од 14,1%.
Вкупниот број на летови во истиот овој период е 20.215 летови и е за 10% поголем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

