Економија
Оштетените штедачи од „Еуростандард банка“: Во време на пандемија сме оставени на немилост на државата
Покрај надлежностите, Народна банка има и неограничени права и овластувања од издавање дозвола за работа на банка, контроли на сите нивоа со ревизии и супервизии до одземање на дозвола за работа на банка. Меѓутоа, ваквите неограничени овластувања носат со себе и обврски и одговорности, соошштија оштетените штедачи од „Еуростандард банка“.
„Во врска со пропаѓањето на ‘Еуростандард банка’, Народна банка изјавува дека за сите констатирани индиции за неправилности во работењето на банката, навремено има доставено соодветни известувања во надлежност на други институции. Без да наведе кои. И тука завршува одговорноста на Народна банка за пропаста на ‘Еуростандард банка’. Но, тоа кажува дека одговорноста за ненавременото реагирање и спречување за сторениот криминал во ‘Еуростандард банка’ не може да биде лоцирана само во Народна банка, туку и во други надлежни државни институции кои согласно нивните законски надлежности не реагирале на известувањата од Народна банка за да го спречат криминалот и да ги казнат сторителите на криминалните шеми со издавање непокриени кредити во банката. ‘Еуростандард банка’ не пропадна од физичка катастрофа или физички грабеж. Пропаста на ‘Еуростандард банка’ се одвивала со ‘правен’ грабеж на сопственоста во депозити на граѓаните и фирмите и тоа во тек на повеќе години континуирано, почнувајќи од 2013 година па наваму“, се вели во соопштението.
Оштетените депоненти посочуваат за доделен кредит на приватна фирма од Струмица во висина од околу 600 илјади евра со гаранција од само 5 отсто од вредноста на кредитот даденa во недвижен имот пред повеќе од 2 години, а истиот не е вратен воопшто. „Тоа е само еден од многу таквите случаи на одобрувани кредити со ултра висок кредитен ризик во кредитното портфолио на банката. Според извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник, се делеле многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити или кредити покриени единствено со меници, а пред сè поради лошо управување со кредитното портфолио поради непостоење или целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик. Воедно, се констатира и некомпетентност на одговорните лица, односно извлекување пари од банката преку доделување и одобрување кредити без соодветни гаранции. Фактите од извештајот говорат дека вкупните средства на банката биле прилично под границите на несолвентност“, велат тие.
Депонентите се прашуваат како е можно Народна банка да не го утврдила тоа масовно и свесно доделување на ненаплатливи и тешко наплатливи кредити со целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик, кредити кои воопшто не се враќани со години и кои очигледно биле давани за да не се вратат воопшто. Зошто кога констатирала злоупотреби кои почнале да се случуваат во банката пред неколку години, Народна банка не поднела кривични пријави за злоупотреба на службена должност и овластување на раководните луѓе од банката кои го креирале и спроведувале овoj организиран грабеж на парите од депонентите, физички и правни лица, повеќе години наназад?
„Народна банка морала да знае за овие криминални шеми кои се случувале во банката со години. Што презела Народна банка да нè заштити преку контролните и супервизорски мерки и издадени решенија? Зошто не било реагирано на време да се отстранат ваквите криминални активности свесно правени од страна на раководните луѓе во банката во содејство со избраните фирми на коишто им се делеле ултра ризични и ненаплатливи кредити? Доколку било потребно, зошто Народна банка не ја затворила ‘Еуростандард банка’ уште пред неколку години за штетата по депозитите во банката да биде далеку помала од сега, кога недостасуваат речиси 60 милиони евра проневерени и украдени пари распределени во нечии џебови. Одговорноста за овој организиран криминал освен кај раководните луѓе од банката кои го направиле истиот е и кај раководни луѓе од Народна банка кои дозволиле тој грабеж да се случи и метастазира до граници коишто се тешко замисливи и непоправливи.
Народна банката се фали дека со сите налози и 11 решенија од контроли бил детално запознаен Управниот и Надзорен одбор на ‘Еуростандард банка’, со цел да се заштити нејзиниот биланс, а со тоа и депонентите. При таков напор од Народна банка и таков стабилен банкарски систем, по неколку дена, се случува стечај на ‘Еуростандард банка’ и пропаст на дел од или целата сопственост – депозитите на депонентите, без грижа и гаранција за ‘правна’ заштита на депозитите како сопственост на граѓаните и фирмите согласно Законот за сопственост и други стварни права“, се додава во соопштението.
Според штедачите, ова случување како терк може да се повторува од сега и во иднина и да се ограбуваат депоненти од следна банка и воедно да се повторуваат оправдувањата на Народна банка, а криминалците да си тријат раце.
„Народната банка и останати релеванти државни институции се одговорни најмалку поради фактот што не реагирале со време да го заштитат нашиот личен имот – парите на физичките лица и фирми депоненти на банката и дозволиле да бидеме ограбени во целост. Извештајот од стечајниот управник покажува дека во време на пандемија сме оставени на немилост на државата, крадците од банката и фирмите преку кои се делеле нашите пари. Фактите од извештајот покажуваат и дека оваа стечајна постапка нема да биде ниту брза ниту лесна токму поради огромниот криминал што е направен. Поради сето тоа, државата мора да најде начин да нè обештети нас, депонентите, а потоа да влезе во стечајната маса и да расчисти со криминалот и да ја впаричи стечајната маса и преку наплата на личниот имот и имотот на семејствата на крадците од банката а и сите останати кои биле вклучени во криминалот. Такви и слични примери има многу во европските земји кои во целост ги обештетиле граѓаните и фирмите депоненти на пропаднати банки. Нашата држава треба да покаже дека заслужува да биде дел од тоа европско семејство со справување на криминалот и корупцијата од овој голем скандал како прва лекција од претпристапните преговори.Борбата продолжува за вистината и правдата до нашата конечна цел“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

