Економија
Петров: Обезбедуваме домашна платежна картичка и ваучери за туризам и ИТ-обуки
Обезбедуваме директна помош за граѓаните, домашна платежна картичка и ваучери до 150 евра и ваучери за обуки и тренинзи за млади до 29 години, изјави на прес-конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ.
Тој рече дека третиот пакет економски мерки ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна финансиска поддршка на граѓаните.
„Ова се мерки за нова развојна македонска економија, во вредност од 355 милиони евра наменети за 730.000 корисници, кои ќе ја трансформираат нашата економија и ќе ја направат поконкурентна, со тоа што ќе ја зголемат приватната потрошувачка и ќе стимулираат раст и промоција на домашните производи и услуги“, рече Петров.
Како што појасни, првиот столб од третиот пакет економски мерки усвоен од Владата предводена од СДСМ ги опфаќа сите невработени лица, социјално ранливите категории, младите, домаќинствата со ниски примања и медицинските лица. Со овие мерки, вели Петров, се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашни производи и услуги, се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија. Но, пред сѐ, се зголемува куповната моќ на граѓаните и со тоа се олеснува животот во услови на криза.
Домашна платежна картичка за граѓаните – по 150 евра за македонски производи и услуги
Оваа картичка ќе ја добијат над 100.000 граѓани, односно сите невработени лица, активни баратели на работа, кои немаат над 15.000 месечни приходи според УЈП, како и примателите на гарантирана минимална помош. Со оваа картичка во период од 30 дена ќе може да се купуваат домашни производи и услуги, а платежната картичка ќе може да ја добијат и лицата што имаат блокирани сметки бидејќи се работи за посебна сметка.
Ваучер за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра
Со оваа мерка се опфатени 100.000 граѓани, односно сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи, според УЈП.
Електронскиот ваучер ќе има посебен QR-код за секој индивидуален корисник, а ќе може да се користи во домашните хотели и други регистрирани сместувачки капацитети, а со платежната картица поттикнуваме купување домашни производи и услуги.
Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.
Парична поддршка за млади од 100 евра и платежна домашна картичка од 50 евра
Оваа мерка опфаќа електронски ваучери од 100 евра за покривање на партиципација на универзитет, како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци.
Младите ќе добијат и платежна картичка во вредност од 50 евра за домашни производи и услуги.
Ваучери за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини
Оваа мерка ќе опфати од 7.000 до 10.000 млади до 29 години, кои ќе посетуваат академии во земјата за дигитални и ИТ-вештини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

