Економија
Побрз проток на патници на Табановце и нови зелени коридори како дел од Отворен Балкан
Согласно Договорот за примена на заеднички гранични премини – One Stop Shop контроли во делот на проток на стоки и патници со Република Србија на Табановце – Прешево кој беше воспоставен во септември 2019 година, комплетно се завршени дополнителните инфраструктурни активности и реконструкции, и тоа: поставени се нови кабини за работа на граничните полиции и царинските службеници од двете земји, нови рампи и извршено е реновирање на помошни простории за користење од страна на колегите од Србија. Дополнително поставена е и потребната мрежна и телекомуникациска инфраструктура за непречено одвивање на процесот, информираат владините служби.
Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, појаснуваат од таму, покрај подобрување на условите за работа, се постигнува и дополнително забрзување, пред сè при пасошката проверка, бидејќи новата поставеност на кабините е таква (и за патнички и за товарни возила), да овозможува истовремено работење (без празен ‘од) на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително ќе влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила, кое е особено важно во летниот период во тек на туристичката сезона.
Дополнително, додаваат дека за сите увозници, извозници, транспортери и други учесници во царинската постапка од трите земји во иницијативата Отворен Балкан, како и за економските оператори иматели на ОЕО одобренија и стоки од Зелените коридори, на граничните премини Табановце и Ќафасан во март 2022, поставени се табли за зелени (приоритетни) ленти. По истиот принцип, вакви табли се поставени и на Прешево и Ќафтане, од страна на Србија и Албанија.
„Во моментот на ГП Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси. Со цел понатамошно подобрување на условите за побрз проток на патници на ГП Табановце каде се врши гранична и царинска проверка на излез од Србија и влез во Северна Македонија, Царинската управа работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила, со што дополнително ќе се забрза протокот, посебно важно во летниот период и зголемената фреквенција на патници-туристи кои поминуваат преку овој граничен премин.
Исто така, со цел забрзување и намалување на времето за чекање на граница, Царинската управа ги разгледува можностите за граничниот премин Пелинце, кој се користи само за патнички промет, односно поминување на патнички моторни возила, да се актуелизира како алтернативен премин за патниците првенствено од Северна Македонија и Србија. Toa би било во согласност со иницијативата Отворен Балкан и со предложениот начин за примена на концептот one stop shop, со цел побрз проток на патници и патнички моторни возила.
„Зелените коридори“ за проток на осетлива стока успешно и непречено функционираат во регионот со земјите на ЦЕФТА. Во Република Северна Македонија тие се применуваат на граничните премини: Табановце, Блаце и Ќафасан, при што важат за усогласена ЦЕФТА-приоритетната листа каде се предвидени стоките што ќе имаат првенство на минување. Листата е јавно достапна (на веб-страницата на Царинска управа) и содржи прехранбени производи – месо, зеленчук, потоа медицинска опрема, лекови – точно определени по тарифни броеви. За овие стоки Царинските управи обезбедуваат приоритетен третман при премин на границата и при царинење, a списокот на овие стоки може да се менува и усогласува со сите ЦЕФТА земји. Исто така, информациите за овие видови стоки пред пристигнување се праќаат и се добиваат преку електронскиот систем на ЦЕФТА – СЕЕД. Идентификацијата се врши врз основа на тарифните ознаки, внесени во извозните и транзитните декларации“, се дополнува во владиното соопштение.
Имајќи ги предвид позитивните искуства од примена на Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА, во тек се активности за нивно проширување кон соседните земји членки на ЕУ. Во таа насока, на 7.7.2022 година, во рамките на Форумот за конективност во Солун, директорката на Царинската управа на Република Северна Македонија и гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција, потпишаа Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој се овозможува примена на Зелените коридори за стоки кои излегуваат кон Република Грција, како и електронска размена на сет на податоци, пред пристигнување, преку системот ЦЕФТА – SEED системот. Во следните 6 месеци предвидено е можно проширување на опфатот на Меморандумот, со цел размена на податоци за стоки на влез во Република Северна Македонија од страна на Грција. Со тоа, граничниот премин Богородица – Евзони со Република Грција е првиот пример на воспоставен Зелен коридор со земја членка на ЕУ.
На Форумот учествуваа високи претставници од 11 земји од регионот (Западен Балкан и ЕУ), од Министерствата за надворешни работи и транспорт и врски, директорите на царините, како и претставници од Европската комисија, ЦЕФТА и Транспортната заедница. Во рамки на Форумот беа одржани и билатерални средби со соседните земји – членки на ЕУ, вклучително и средба на нашите претставници со претставниците од Република Бугарија, на која беше искажан позитивен став за проширување на оваа иницијатива и на граничните премини со Република Бугарија, информираат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

