Економија
Повик од Сараево: Хрватска итно да ги укине мерките за увоз на овошје и зеленчук
Хрватска итно да ги укине одредбите од Правилникот за увоз на свежо овошје и зеленчук, побараа од Сараево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и надлежните министри од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Мирко Шаровиќ, Расим Љајиќ и Драгица Секулиќ. Тие потпишаа и заклучоци кои ќе бидат испратени во Брисел.
Министрите ја повикуваат Хрватска да ги укине одредбите од Правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Воедно, министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а притоа да се има предвид дека секое одложување за изнаоѓање решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и зеленчук.
Министрите од регионот ја повикаа и ЕУ да се вклучи во решавање на проблемот со Хрватска, а во заклучоците наведуваат дека секоја земја сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.
– Покрај заедничките ставови за развој на слободна трговија и посветеноста на земјите во регионот за проток на добра без бариери, денеска бевме единствени во носење на заклучоците. Сепак, секоја од земјите има право соодветно да преземе дополнителни мерки или контрамерки во вид и форма за кои мисли дека се соодветни, а со цел да ги заштити сопствените интереси. Како регион остануваме посветени на Берлинскиот процес и градење заедничка економска област, изјави министерот Николовски.
Според Правилникот на Хрватска за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот за трети земји се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра) по производ.
Од МЗШВ информираат дека веќе доставиле нота до Министерството за земјоделство на Хрватска за стопирање на Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук.
– Со новиот правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на хрватскиот пазар, соопштија од МЗШВ.
Министрите од регионот на денешниот состанок се договориле дека состаноци од ваков тип треба да се одржуваат почесто со цел да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија на добра. Договорено е следниот состанок да биде во Скопје во септември оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

