Економија
Поскапени брашното и маслото, цените во Австрија вртоглаво растат
Во Австрија, поради поскапувањето на многу неопходни состојки, палачинките стануваат луксуз бидејќи за нивната подготовка сега се потребни повеќе пари од пред една година, пишуваат тамошните медиуми.
Анализата на цените покажала дека сончогледовото масло поскапело во годишна споредба речиси 137 отсто, брашното 98 отсто, јајцата 40 отсто, а млекото поскапело 23 отсто.
Додека сончогледовото масло во септември минатата година чинеше 1,19 евро, сега чини 2,83 евра, покажуваат анализите на Комората на трудот (АК).
Брашното по прифатлива цена, килограм лани чинеше 0,40 евра, а сега 0,79 евра.
Најевтиното долгорочно млеко чинеше 1,05 евро, а сега чини 1,29 евро.
„Голем проблем, покрај поскапувањето, е тоа што во продавниците често не може да се најдат производи од поевтини брендови на соодветните синџири супермаркети и дисконти. Затоа граѓаните мораат да купуваат поскапи производи и немаат можност да избираат меѓу поповолен и поскап производ“, се истакнува во соопштението на Комората на трудот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меџити на отворањето на Инвестициско-трговски форум меѓу Македонија и Турција: турските инвестиции помогнаа во развојот на инфраструктурата и отворањето работни места
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска учествуваше и имаше oбраќање на отворањето на Инвестициско-трговскиот форум меѓу Северна Македонија и Турција.
Меџити го оцени како значаен овој настан организиран од Инвестициско-трговскиот форум меѓу Северна Македонија и Турција, како одлична можност уште еднаш да се истакнат силните врски меѓу Северна Македонија и Турција, а особено големиот потенцијал напред, заснован на многу пријателските односи.
„Економската соработка меѓу нашите две земји донесе бројни придобивки, додека турските инвестиции во Северна Македонија помогнаа во развојот на инфраструктурата и отворањето работни места, придонесувајќи за стабилноста и економскиот раст на Скопје, Тетово, Гостивар и Северна Македонија во целина“, изјави Меџити.
Оцени дека интересот на нашите бизниси да ги искористат можностите на турскиот пазар е голем, додека инвестициите од Турција се охрабрувачки и модел како се развива вистински бизнис.
“Во овој контекст, Форумот за инвестиции и трговија игра клучна улога, бидејќи нуди платформа за размена на идеи, искуства и за создавање нови врски. Тоа е одлична можност да се истражат можностите за соработка во различни сектори, од градежништво и производство до технологија и услуги“, рече Меџити.
На Форумот присуствуваа бизнисмени од Турција и Македонија, претседатели на стопански комори, пратеници и амбасадори.
Економија
Потпишан нов договор за соработка меѓу Народната банка и Државниот завод за статистика
Квалитетната статистика е клучна за процесот на носење добри одлуки и за водењето солидни економски политики. Оттаму, функционалниот статистички систем и соработката помеѓу институциите од тој систем се од суштинско значење за осмислувањето на јавните политики, но и за носењето деловни одлуки од приватниот сектор.
Потпишувањето на новиот договор за меѓусебна соработка и размена на податоци и публикациски материјали помеѓу Народната банка и Државниот завод за статистика, со кој понатаму се унапредува досегашната соработка на овие две институции, е од особено значајно за функционалноста и ефикасноста на домашниот статистички систем, којшто го исполнува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Со новосклучениот договор се проширува опфатот на податоците коишто се разменуваат, се олеснува и се осовременува начинот на таа размена, а истовремено се скусуваат и роковите за доставување податоци. Сето ова ќе придонесе за исполнување на статистичките барања на европските и меѓународните институции и подготовка на квалитетни, веродостојни и навремени статистички податоци. Договорот за соработка во име на институциите го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и в. д. директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков.
На средбата беше истакнато дека во изминатиот период, следејќи ги глобалните статистички трендови и меѓународните иницијативи, националната статистика е надградена со нови податоци, како и дека подготовката и дисеминацијата на статистичките податоци е во согласност со најновите европски и меѓународни стандарди. Беше посочено и дека секој учесник има своја улога и одговорност во производството на статистики од својот домен на работење, затоа координацијата и усогласеноста на сите чинители во статистичкиот систем е предуслов за исполнување на целите и обврските на овие институции.
Економија
Зеколи Шаќири: Патниот транспорт е важна алка во синџирот на економијата за целата држава, за следната година го зголемивме бројот на ЕКМТ дозволи
Заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири денеска присуствуваше на традиционалната средба со превозници организирана од страна на асоцијацијата МАКАМ – ТРАНС.
Заменик министерката во својот говор пред траспортерите го истакнa огромното значење на патниот транспорт во развојот на економијата на државата. Таа, исто така додаде дека Министерството за транспорт оваа година воведе нов систем за распределба на ЦЕМТ дозволите.
„За нас како Влада и како Министерство, развојот на оваа дејност, развојот на вашите компании и зачувување на работните места се многу важни во одржување на стабилноста во економијата и затоа преземаме иницијативи и активности да обезбедиме непречен и континуиран транспорт.
Веќе знаете дека министерството разви нов систем за распределба кој е поефикасен, надрграден од претходниот и систем кој е интероперабилен и за прв пат е поврзан со Агенцијата за вработување и Централниот регистар.
Би ја искористила приликата да информирам и за бројот на транспортните дозволи за следната година за кои знам дека интересот е најголем.
За наредната 2025 година имаме зголемување на бројот на дозволи така што на располагање имаме 1.750 годишни ЦЕМТ дозволи што е за 70 дозволи повеќе отколку оваа година. Во однос на месечните, за 2025 година на располагање имаме 2.736 месечни ЦЕМТ дозволи и тоа за ЕВРО 5 имаме 720 дозволи, а за ЕВРО 6 имаме 2016 дозволи“, истакна заменик министерката Зеколи Шаќири.
Таа пред транспортерите најави дека министертвото и во наредниот период ќе продолжи со преговори со неколку држави околу зголемувањето на квотите на дозволите.