Економија
Поскапуваат горивата

Од ноќеска на полноќ горивата ќе поскапат за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, на дизелот еуродизел и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 2 денари за литар. Со тоа, новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 73,50 денари, на еуросупер БС-98 – 75,50 денари, а на дизелот 65 денари. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 54 денари за литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,397 денари и ќе изнесува 34,534 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Значителен раст во енергетскиот сектор во март 2025 година

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
„Особено позитивен е растот од 12.9% во групата „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор. Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериски системи за складирање на електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетски проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и долгорочна енергетска сигурност“, велат од Министерството.
Од таму најавија дека во периодот што следува, приоритет ќе биде реализацијата на проекти кои значат поголема енергетска независност и стабилност на системот. Новата законска рамка ќе овозможи поинтензивна интеграција на обновливите извори, поефикасно управување со мрежата и поголема заштита на правата на потрошувачите.
Економија
Митева: Владина делегација учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија

Владината делегација предводена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денес учествуваше на националниот ден на светската изложба ЕКСПО 2025 во Јапонија.
„Силен впечаток остави точката и настапот на националниот ансамбл Танец кои го отворија денешниот ден. Македонскиот павилјон изобилува со традиционални изложби, но најсилно и најголеми внимание зазема токму онаа на јапонскиот архитект Кензо Танге кој го има проектирано Скопје после земјотресот во 1963 година“, изјави портпаролката, Марија Митева.
Како Влада остануваме посветени на афирмација на Македонија, а присуството на ЕКСПО 2025 година е уште еден доказ за тоа, додаде Митева.
Економија
Силна профитабилност во првиот квартал од 2025 година во услови на меѓународно опкружување исполнето со предизвици

Во првиот квартал од 2025 година, цените на суровата нафта се движеа помеѓу 60 и 68 долари за барел што претставува намалување во однос на опсегот од 68 до 93 долари за барел, во првиот квартал од 2024 година. Ваквиот пад првенствено беше предизвикан од неизвесноста околу развојот на глобалниот трговски протекционизам, инфлаторните притисоци и геополитичките тензии. Инфлацијата доведе до повисоки трошоци за производство, додека геополитичките прашања го дестабилизираа пазарот. Како резултат на трговските тензии, проекциите за растот на глобалната побарувачка за нафта беа намалени, за разлика од општото зголемување на цените во првиот квартал од 2024 година, предизвикано од геополитички ризици и нарушувања во снабдувањето.
Обемот на продажба во првиот квартал од 2025 година изнесуваше 247 илјади М³, со пад од 10% споредено со истиот период минатата година. Производите беа пласирани на двата пазари на кои компанијата традиционално работи (домашниот и извозниот), при што извозот учествуваше со 24% во вкупниот обем на продажба.
Бруто-добивката достигна 269 милиони денари, што претставува намалување од 9% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесува 107 милиони денари.
Прилагодената ЕБИТДА за периодот достигна 137 милиони денари, бележејќи годишен раст од 25%. Ова е резултат од зголемената продажба на домашниот пазар, зголемените чисти извозни бруто-маржи, повисоката бруто маржа на електрична енергија и намалувањето на оперативните трошоци за 5%. Остварената ЕБИТДА забележа пад од 15% споредено со истиот период лани, главно поради негативниот ефект на вреднување на залихите од 20 милиони денари, наспроти позитивниот ефект од 28 милиони денари постигнат во претходната година.
Во согласност со своите стратешки приоритети и одлуката да ги зајакне инвестициите во почисти извори на енергија и да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, компанијата инвестираше 9 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија во текот на првиот квартал од 2025 година. Овие тековни инвестиции не само што придонесуваат кон одржливоста на животната средина, туку обезбедуваат и значителни економски придобивки.
Посветеноста на компанијата на својата стратегија за ООП останува цврста и доследна, особено во поглед на поддршката на средината и заедницата каде што ОКТА работи. Годината започна со фокус на иднината на земјата – децата и младите. Преку нашата годишна донација од 6.000 литри екстра лесно масло за греење на СОС Детското село во Скопје, обезбедивме доволни количини за целосно покривање на потребите за греење за целата година. Ваквиот придонес значително ги подобрува условите за живот на децата без родителска грижа.
Во текот на првиот квартал од годината, ОКТА ја најави својата програма за стипендии за постдипломски студии во земјата и во странство. Оваа иницијатива го поддржува нашето уверување дека инвестирањето во образованието и новата генерација значи инвестирање во поодржлива и посигурна иднина. Нашите вработени пак, повторно ја покажаа својата посветеност на општествената добробит преку учеството во првата традиционална крводарителска акција за оваа година, потврдувајќи ја својата непоколеблива посветеност на хуманоста и благосостојбата на заедницата.
ОКТА има за цел да ја задржи својата лидерска позиција на локалниот пазар преку обезбедување на редовно и непрекинато снабдување со горива од највисок квалитет до своите клиенти на пазарите на кои работи. Унапредувајќи ги своите иницијативи за автоматизација, компанијата работи на подобрување на својата организациска ефикасност, намалување на трошоците и поставување на цврста основа за идни остварувања.
Преку прифаќање на иновациите и приспособливоста, ОКТА не само што обезбедува континуитет, туку и придонесува за подобрување на општеството, поттикнувајќи одржлив напредок и стабилност за сите.
ПР