Економија
Потпишани билатерални документи со Србија, во фокус интересот на граѓаните и економиите на двете земји
Денеска, во Белград, за време на официјалната посета на премиерот Димитар Ковачевски, министри од владите на Македонија и Србија потпишаа неколку билатерални документи, кои се во насока на натамошно приближување на нашите држави, економии и народи, а кои произлегуваат од потпишаните договори за „Отворен Балкан“.
Меморандумот потпишан помеѓу министрите за внатрешни работи на двете земји се однесува на олеснување и забрзување на проток на патници и возила на граничниот премин Табановце – Прешево.
Свесни за високото ниво на фреквенција на патнички возила што се создава на овој граничен премин, тимови на министерствата за внатрешни работи, ИТ-секторите и граничните полиции, царинските управи, како и министерствата за транспорт и врски од двете земји, работеа неколку месеци на изнаоѓање решенија, информираа од владината прес-служба.
Дефинирани се повеќе типови мерки со чија имплементација ќе се унапреди, олесни и забрза протокот на патници и возила.
![]()
Мерките се однесуваат, пред сè, на теренската инфраструктура и на моделот на заедничко гранично управување.
Вториот меморандум, кој беше потпишан во Белград, е за проект за вмрежување на системите за електронска наплата на патарините.
Со интензивирањето на регионалната соработка и особено високото ниво на поврзување меѓу нашите две држави секојдневно се зголемува бројот на граѓани што патуваат од Северна Македонија за Србија или обратно, но голем е интензитетот на возила и патници што ги користат нашите држави како транзит до трети земји.
Во таа насока постојано ја подобруваме инфраструктурата на автопатите и градиме нови, но вложуваме и во дигитални решенија, кои го олеснуваат патувањето преку вмрежување на системите за електронска наплата на патарините.
Со потпишувањето на меморандумот набргу сите граѓани на Србија со ТАГ-инсталиран уред ќе може да поминуваат на патарините во Северна Македонија без да застануваат, а тоа ќе важи и за граѓаните на нашата држава кога патуваат во Србија.
![]()
Третиот меморандумот што беше денеска потпишан во Белград се однесува на соработка во областа на рударството и енергетиката.
Со овој меморандум ја покажуваме заедничката подготвеност за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, со цел да придонесеме за економски развој и зголемување на економскиот раст.
Енергетиката е столб на економијата, а со овој меморандум, меѓу другото, се поттикнуваат и поддржуваат заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење капацитети за користење обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на Северна Македонија и Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

