Економија
Потпишани договори за 828 проекти со 225 милиони евра преку капитални инвестиции
Со склучувањето на договорите за вториот повик од инструментот за капитални инвестиции, денес започнува нова фаза на големи вложувања во општините ширум Македонија, соопшти премиерот, Христијан Мицкоски.
Вкупната вредност на проектите изнесува 13,8 милијарди денари, односно околу 225 милиони евра, а се опфатени 828 проекти во различни области. Најголем дел од средствата, над 8 милијарди денари, ќе бидат инвестирани во инфраструктурата – патишта, мостови и локални врски.
Покрај тоа, во областа на животната средина ќе се реализираат 143 проекти со вкупна вредност од над 2,4 милијарди денари, кои се однесуваат на чиста вода, канализациски системи, управување со отпад и создавање нови паркови.
Во секторот образование, преку 48 проекти, ќе се инвестираат 1,6 милијарди денари за изградба и обнова на училишта и градинки, додека има и проекти поврзани со култура, спорт и социјална политика.
„Ова е најголемата инвестициска офанзива некогаш направена за општините, без партиски филтри и фаворизирања. Секоја општина што има проект добива поддршка,“ истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека со овие инвестиции се гради еднаквост и пристап до квалитетен живот за сите граѓани, без разлика на нивната локација, и најави дека нема да се дозволи запоставување на ниту еден регион.
Со склучените договори и веќе започнатите проекти, Мицкоски ја опиша оваа иницијатива како конкретен чекор кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Македонија, која според него од хартија преминува во реалност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

