Економија
Потпишан договорот за изградба на фотонапонска централа „Осломеј“, проект вреден околу 7 милиони евра
Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска присуствуваа на потпишување договор помеѓу директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер, и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, за изградба на фотонапонска централа „Осломеј“.
„Најавивме економска година, и од тој аспект, ова е прекрасна можноста таа економска година да ја ставиме во функција“, рече премиерот Заев на почетокот на своето обраќање по потпишувањето на договорот.
Инвестицијата влегува во еден од најзначајните сектори, енергетиката, каде што, како што појасни Заев, имаме најголем потенцијал за подигање на бруто домашното производство, но секако и сериозен потенцијал да го покриеме недостигот на енергија во Македонија.
Исто така, тој го потенцираше и еколошкиот карактер на овој проект затоа што сонцето е единствениот ресурс што ќе се користи во произведувањето на електричната енергија.
„Значајно е што државата го повлекува првиот чекор, од она што следува, од преку 200 мегавати нови инвестиции во фотоволтаици или фотонапонска мрежа, којашто на повеќе локации низ државата, под раководство на Министерството за економија, вицепремиерот Анѓушев и мојот кабинет, односно советниците за енергетика, подготвуваме неколку локации за јавно-приватно партнерство за 200 мегавати и давање под концесија за сите заинтересирани кои ќе сакаат да инвестираат во ваквите енергетски обновливи извори на енергија“, изјави премиерот.
Овој заем, како што појасни премиерот Заев, е прв за ЕЛЕМ без државна гаранција и за него важат целосно пазарни параметри.
„Ова претставува пример како еден речиси заборавен објект, ТЕЦ ‘Осломеј’, полека ќе го претвориме од загадувачки објект во еколошки објект, кој ќе произведува чиста електрична енергија. Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање, за да бидат изградени. Таму ќе продолжи градењето и во наредните години со повеќе инсталирана моќност до 30-40 мегавати, како што е предвидено во инвестициската програма на ЕЛЕМ“, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Оваа влада, рече Анѓушев, согласно со Законот за енергетика, со кој се отвори простор за инвестиции во обновливи извори на енергија, ќе биде посветена за инсталирање колку што е можно повеќе мегавати инсталирана моќност во обновливи извори на енергија.
Тој во своето обраќање, исто така, најави владина интензивна офанзива во инвестирањето во енергетиката, споменувајќи неколку од проектите што ќе бидат инвестирани во таа насока.
„Во првиот квартал на 2019 ќе биде почеток на распишување тендери до 200 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици, изградени на државно земјиште, но ќе дозволиме да се гради и на приватно земјиште доколку за тоа некој има интерес или има веќе подготовка. Исто така до крајот на годината ќе распишеме нов тендер со премиум тарифи и за еден ветерен парк до 50 мегавати. Изградбата на далноводот кон Албанија ќе почне оваа година и ќе чини околу 50 милиони евра. Ќе се испроектира гасоводот кон Грција, што ќе значи интерконективно поврзување на Македонија и Грција, со што Македонија ќе престане да биде зависна од само еден извор на енергија. Имајќи ги предвид само овие проекти, имаме инвестиции во износ од повеќе од 250-300 милиони евра во делот на енергетиката“, објасни Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, подвлече дека имплементацијата на проектот „Фотонапонска централа Осломеј“ ќе го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во Македонија, со што ќе се придонесе за исполнување на стратешките определби на Република Македонија, согласно со меѓународните договори за учество на обновливи извори на енергија. Тој истакна дека ова е важна капитална инвестиција од ЕЛЕМ, која се совпаѓа со заложбите на Владата, но и со новиот закон за енергетика.
Бектеши потенцираше дека освен инвестициите со државните компании, ќе им биде дозволено и на приватните инвеститори да можат да инвестираат во фотонапонски централи.
„Ова е прв проект од фотоволтаично производство на електрична енергија во нашето портфолио, вреден околу 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се кредит од ЕБРД, а остатокот се средства на АД ЕЛЕМ“, појасни директорот Миновски. „Просечното годишно производство би требало да изнесува 15 гигават часови, доволно за да задоволи 2000 домаќинства, појасни тој, и додаде дека ова не е важно само за АД ЕЛЕМ, туку има и социјален аспект и важност по заштита на животната околина“, додаде директорот на ЕЛЕМ.
Директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер, во своето обраќање посебно ја истакна улогата на Владата од значајниот тендер за соларна енергија, којшто претстои, а го води заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, а, како што рече, тоа ќе покаже како со искористување на приватниот сектор може да се испорача чиста и евтина енергија за граѓаните на овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

