Економија
Почна пријавувањето за добивање финансиска поддршка за порибителен материјал
Од денеска до 15 јули сите субјекти што ги порибиле рибниците со порибителен (насаден) материјал во периодот од 1 февруари до 30 мај, ќе може да аплицират за добивање финансиска поддршка од Програмата за рибарство и аквакултура.
Право на користење на поддршката имаат сите субјекти што поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година од видот риба за која поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал за сопствено насадување на рибникот.
Право на финансиска поддршка имаат и оние субјекти што набавиле подмладок и се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и имаат купено подмладок од субјекти што поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и кои немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година.
Директорот на АФПЗРР, Николче Бабовски, информира дека средствата од потточката 2.2, односно Финансиска поддршка за порибителен материјал, се наменети за набавка на порибителен материјал за насадување на рибниците во период од 1 февруари до 30 мај 2019 година, а поддршката за оваа мерка се исплаќа скалесто: за купен или сопствен подмладок до 2.500 кг – 100 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 2.500 до 5.000 кг – 75 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 5.000 до 7.500 кг – 50 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок над 7.500 кг – 25 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот.
Барањата се доставуваат во оригален примерок.
Условите што треба да ги исполнуваат барателите на средства се утврдени во Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2019 година („Службен весник на РМ“, бр. 15/2019).
Доколку до Агенцијата се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства во согласност со Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2019 година, Агенцијата ќе им даде предност на оние баратели што го поднеле своето барање порано од другите.
Обрасците „Барање за исплата“ со листата на потребни документи и упатството за корисници може да се подигне на веб страната на Агенцијата.
Обрасците може да се подигнат и директно во Агенцијата секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот.
Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2019 година заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик на кој на предната страна во горниот лев агол стои ознаката НЕ ОТВОРАЈ, за јавен повик број 01/2019 и назначување на шифрата на потточката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата.
Доколку ковертот не е обележан како што се бара, Агенцијата не презема одговорност за ненавремено и некомплетно пристигнување во писарницата или предвремено отворање на барањето.
Краен рок за доставување на барањата за исплата на средства: за насадување на рибниците во период од 1 февруари до 30 мај 2019 година краен рок е 15.7.2019 година. Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

