Економија
Предлог-закон за инспекциски надзор: Опомена пред санкција и воведување листи на проверка

Предлог-законот за инспекциски надзор, кој е во постапка, содржи позитивни одредби во делот на воспоставување подобар систем на опомена пред санкција, како и на воведување листи на проверка кои ќе бидат задолжителни и врз основа на кои инспекторите ќе вршат редовен надзор кај правните субјекти.
За предлог-законското решение постојат повеќе забелешки кои произлегоа од заедничката иницијатива на приватниот сектор изразени преку Платформата за јавно-приватен дијалог – ПЈПД. Нивното прифаќање од страна на надлежниот орган ќе претставува добар пример за дијалогот меѓу власта и приватниот сектор.
Затоа потребно е да се прецизира дека листите на проверка ќе ги опфатат сите прашања од соодветната област за која се спроведува надзор. Со сегашното решение на приоритетни прашања во целост не се исполнува едукативната улога и усогласеноста на компаниите со законските обврски, напротив повторно се остава простор за злоупотреба.
Листите треба да бидат креирани по сектори, и тоа на прегледен начин, заедно со систематизирани подзаконски акти. Платформата за јавно-приватен дијалог препорачува сè ова да биде лесно достапно за јавноста и објавено на една интернет-страница.
Исто така треба да се прецизира дека опомената претставува задолжителна и примарна инспекциска мерка. Со тоа вистински ќе се постигне едукативната улога во спроведувањето на надзорот, а утврдувањето на нерегуларностите да биде спроведено врз основа на знаење, стручност и објективност од страна на инспекторите. Овој принцип ќе се засили и со јасно дефинирање на терминот „контролен“ надзор за ризикот од злоупотреба да се сведе на минимум.
Потребна е и одредба според која сите инспекторати ќе постапуваат согласно со унифицирани подзаконски акти, односно систематизирани на начин кој соодветствува за областа за која се врши надзор, за да нема различни толкувања и изрекувања на различни казни за исти основи.
Дел од овие забелешки беа истакнати и на почетокот на декември на инфо-сесија од страна на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“. Забелешките се став на четирите стопански комори кои дејствуваат заеднички преку Платформата за јавно-приватен дијалог.
Промените на Законот за инспекциски надзор треба да придонесат во подобрување на бизнис-климата, поголема правна сигурност и градење доверба во институциите од страна на приватниот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска на средба со Плаколм и раководството на ЕВН Македонија: Компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност и дигитализација на енергетскиот систем

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм, и со раководството на ЕВН Македонија, во рамки на работната посета што австриската делегација ја реализираше во земјава.
На средбата присуствуваше и Мартин Памер, амбасадор на Република Австрија во Република Македонија, заедно со претставници од австриската амбасада.
Фокусот на разговорите беше насочен кон успешната соработка меѓу Министерството за енергетика и компанијата ЕВН Македонија, како пример за одговорно и партнерско делување меѓу државата и енергетскиот сектор.
Божиновска истакна дека ЕВН Македонија е значаен партнер во енергетската транзиција на земјата, посочувајќи дека примерот на компанијата покажува како странските инвестиции можат да придонесат кон стабилност, модернизација и дигитализација на енергетскиот систем.
„ЕВН Македонија е пример како странски инвеститор може да соработува со државните институции на начин што создава додадена вредност – не само за економијата, туку и за општеството“, нагласи Божиновска.
Во рамки на посетата, делегацијата имаше можност да се запознае со технолошките и организациските достигнувања на компанијата, меѓу кои и современиот диспечерски центар за дигитално управување со дистрибутивната мрежа на национално ниво.
Австриската министерка Клаудија Плаколм изрази задоволство од постигнатото ниво на енергетска соработка меѓу двете земји и од синергијата меѓу јавниот и приватниот сектор во Северна Македонија, истакнувајќи дека таа соработка е позитивен пример за поширокиот регион.
Двете министерки потврдија дека постои заеднички интерес за продолжување на размената на искуства и добри практики, со фокус на одржлив енергетски развој и зелена транзиција.
Економија
Божиновска се сретна со британскиот амбасадор: се разговараше за можностите за размена на искуства во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со британскиот амбасадор Н.Е. Метју Лосон.
На состанокот присуствуваа и Никола Стојаноски, директор за меѓународна трговија и инвестиции во Амбасадата на Обединетото Кралство, како и претставници на меѓународната компанија „Англо Американ“, една од водечките светски корпорации во областа на рударството и металургијата.
Средбата се одржа во духот на континуирана и конструктивна соработка меѓу Македонија и Обединетото Кралство во областа на енергетиката и рударството. Разговарано беше за актуелните активности на Министерството и можностите за размена на искуства и добри практики во управувањето со природните ресурси и енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакна одличната соработка со британската амбасада, која, како што нагласи, претставува значаен партнер во процесите на развој на енергетските политики, унапредување на регулативата и поттикнување на одржливи практики во секторот.
Амбасадорот Лосон и претставниците на „Англо Американ“ ја поздравија досегашната соработка со Министерството, изразувајќи интерес за понатамошен институционален дијалог и заеднички иницијативи во насока на зајакнување на билатералните односи.
Економија
Божиновска на 13. Советување на МАКО СИГРЕ: AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Божиновска го отвори советувањето како претседател на почесниот одбор. Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
„AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот: „Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката“, истакна Божиновска.