Економија
Претприемачите трпат штети од Ковид-19
Сојузот на стопанските комори на Македонија ги презентира резултатите од најновото истражување за состојбата со која се соочуваат компаниите во изминатиот период од почетокот на здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Во истражувањето вклучени се претпријатија од сите региони во земјата, и тоа најголем дел, 54 отсто, се лоцирани во Скопскиот, 9 отсто се од Пелагонискиот, по 7 отсто од Југоисточниот, Полошкиот и од Источниот Регион, по 6 отсто од Југозападниот и Вардарскиот Регион и 4 отсто се лоцирани во Североисточниот Регион на Македонија.
Според дејноста, претпријатијата припаѓаат на секторите угостителство, производство и преработка, сметководство и финансии, трговија, услуги, градежништво, туризам, здравство, транспорт и логистика и земјоделство.
Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на ССК, истакна дека во истражувањето учествуваа претприемачи, претпријатија од сите големини, но, пред сè, микро, мали и средни, кои претставуваат 99,8 проценти од вкупниот број регистрирани правни субјекти во земјата. Од учесниците во истражувањето 73 отсто се микро, 21 отсто мали, 5 отсто средни, а само 1 отсто припаѓаат на големи субјекти, што соодветствува и ја отсликува националната економија.
„Генерално, претприемачите се соочуваат со намален обем на работа, како и со големи штети од пандемијата, а повеќето не се во можност да се задолжуваат со нови кредити на веќе постојните за да ја пребродат кризата. Според големината на штетата, 49 отсто од анкетираните претпријатија одговориле дека трпат штети во своето работење меѓу 81 и 100 отсто, 13 отсто имале штета од 61 до 80 отсто, 13 отст се со штета од 41 до 60 отсто, 16 отсто претрпеле штета од 21 до 40 отсто и 8 отсто се изјасниле дека имале штета од 0 до 20 отсто. Само 1 отсто се изјасниле дека немаат штета во работењето.
На прашањето колку е намален обемот на работата во март 2020, 40 отсто од претпријатијата одговориле дека обемот на работа им е намален помеѓу 81 и 100 отсто, на 19 отсто обемот на работа им се намалил од 61 до 80 отсто, 12 отсто имаат намален обем на работа меѓу 41 и 60 отсто, кај 15 отсто обемот е намален помеѓу 21 и 40 отсто и кај 9 отсто намалувањето е од 0 до 20 отсто. Само кај 5 отсто од прeтпријатијата немало намалување на обемот на работа.
Во однос на бројот на вработените, 85 отсто од претпријатијата одговориле дека сè уште не го намалиле бројот на вработени како резултат на состојбата за разлика од 15 отсто од компаниите, кои веќе го намалиле бројот на вработени, но доколку нема соодветни економски мерки и како резултат на состојбите, дури 46 отсто од компаниите се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени ако немаат ликвидност и средства да ги исплатат платите и трошоците“, истакна Грозданов
Повеќето од претпријатијата, односно 86 отсто, сметаат дека економските мерки што ги донесе Владата не се во согласност со потребите на стопанството и нема да ја исполнат целта да се преброди состојбата, а само 14 отсто од компаниите сметаат дека мерките се во согласност со нивните потреби.
„Вкупно 65 отсто од претпријатијата одговориле дека сè уште немаат аплицирано за дел од понудените економски мерки за справување со кризата донесени од Владата, 19 отсто аплицирале, а 16 отсто воопшто не планираат да ги користат економските мерки. Во поглед на понудениот кредит на Развојната банка, 65 отсто од претпријатијата не аплицирале, 8 отсто изјавиле дека аплицирале, 7 отсто се изјасниле дека аплицирале и сè уште чекаат одговор. 19 отсто од претпријатијата се изјасниле дека нема воопшто да аплицираат за кредит, а 1 отсто истакнаа дека се одбиени.
Што се однесува до мерката финансиска поддршка 14.500 денари, 47 отсто од претпријатијата се изјасниле дека планираат да ја користат, 32 отсто не одлучиле, а 21 отсто воопшто не планираат да ја користат. На прашањето дали се запознаени дека средствата за поддршка треба да се вратат во 2021 година, 79 отсто од претпријатијата се изјасниле дека се запознаени со условите.
Од сите претпријатија вклучени во истражувањето, 80 отсто се изјасниле дека немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн, а на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на својата дејност, 70 отсто се изјасниле дека не е можно да ја вршат својата дејност на алтернативен начин, 19 отсто од нив бараат алтернативни начини, а 11 отсто не бараат друг начин“, изјави Грозданов.
Сојузот на стопанските комори на Македонија обединува 35 стопански комори, 30 групации, здруженија и асоцијации, кои застапуваат над 24.000 претпријатија од сите региони и сектори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

