Економија
Прогласени најдобрите скопски угостителски објекти за 2020
Град Скопје 13. пат го реализира проектот „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите“.
Годинава, поради пандемијата на Ковид-19, раководителот на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, Марко Тодоров, на претставниците на најдобрите угостителски објекти им ги додели плакетите на отворено пред бараките на Град Скопје.
Како што информираат градските власти, тајните купувачи, ангажирани од SWOT Research, извршиле посети на угостителските објекти, кои по случаен избор влегле во трката за најдобар угостителски објект во 2020 година по што следувало сумирање на резултатите.
Испитувањето било извршено според следните стандарди:
1. Прв контакт – (поздравување и упатување кон местото за седење, приоѓање на келнерот);
2. Хигиена на објектот – (чистота на простор, маси, чаршафи, столови, прибор, мени);
3. Тоалет – (хигиена на простор и санитарии, бришачи, заклучување, закачалки);
4. Ковид-19 критериуми (носење заштитна маска, дистанца на масите, средства за дезинфекција);
5. Амбиент – (осветление, температура, миризба, музика);
6. Услуга на келнерите – (љубезност, проактивност, волја да се излезе во пресрет, посветеност, однесување);
7. Општа услуга – (асортиман, адекватно послужување, време на услужување, издавање фискална сметка);
8. Квалитет на храната – (свежина, количина, вкус);
9. Завршен контакт – (заблагодарување и отпоздравување).
Според овие критериуми, најголема доследност покажале локалите кои се избрани како најдобри угостителски објекти во Скопје за 2020 година во четири категории:
Категорија ресторани
1 место: Стара градска куќа
2 место: Антица
3 место: Амика
Категорија гостилници
1 место: Дебар Маало
2 место: Градска кафеана – Кај Јоле
3 место: Градска кафана „Досие Скопје“
Категорија Lounge и мезе-барови
1 место: Рок-кафана „Рустикана“
2 место: Горки
3 место: Soul kitchen bar
Категорија кафулиња
1 место: Happy caffe
2 место: Добар
3 место: Long play
Овој проект произлегува од Програмата за финансирање проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на Град Скопје за 2020 година, а целта е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти на територијата на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

