Економија
#ПроговориСлушни – светска кампања на „Авон“ против родовото насилство
AVON и Фондацијата за жени на AVON го објавија партнерството со Светската асоцијација на женски водичи и извидници (World Association of Girl Guides and Girl Scouts (WAGGGS)) за борба против родовото насилство. Најавата е во знакот на 16 Денови активизам против родовото насилство, а самото партнертсво следи по истражувањето финансирано од страна на AVON Фондацијата, со кое се откри дека 38% од жртвите на насилство и злоупотреба не се сигурни каде да побараат помош, додека 60% од нив не веруваат дека ќе бидат сериозно сфатени.
AVON ќе соработува со WAGGGS за да ја осигура можноста дека поголем процент на жени и девојчиња ќе бидат способни да го препознаат родовото насилство и да ги знаат изворите од каде може да добијат помош. Како дел од партнерството, организациите ќе лансираат нова програма за обука и свесност за Претставниците на AVON, како и за жените водичи и извидници во 3 земји: Јужна Африка, Филипини и Аргентина. Целта на ова партнерство е да се креираат материјали за обука кои ќе може да се користат низ целиот свет, со потенцијал да допрат до повеќе од 15 милиони жени и девојчиња – обучени од AVON и WAGGGS.
Програмата е дизајнирана да го засегне молкот надвиснат над родовото насилство, охрабрувајќи ги жените и девојчињата кои се жртви на насилство и злоупотреба без страв да проговорат и да ја добијат потребната поддршка.
Претседателката на Фондацијата за жени на AVON, Ејми Грин, изјави: “AVON Фондацијата е посветена на рушење на бариерите кои ги кочат жените и девојчињата. Една од три жени е директна жртва на родово насилство ширум светот, додека семејното насилство е убиец на многу жени. Премногу често, жените и девојчињата тивко страдаат, а препознавањето на знаците на насилство и злоупотреба може да претставуваат потешкотија за пријателите и семејството. AVON сака да го отвори дијалогот за насилството врз жените и девојчињата, да помогне во едукацијата и да ги охрабри луѓето да проговорат за тоа. Заедно со WAGGGS имаме простор и можност да допреме до многумина и да направиме значителна разлика.”
Претседателката на Светската Асоцијација на жени водичи и жени-извидници, Сара Нанколас, изјави: “Насилството врз жените и девојчињата е еден од најзастапените и светски познати нарушувања на глобалните човечки права кое добива епидемиски пропорции. Во партнерство со AVON Фондацијата, ние ќе ги поддржиме младите девојки и девојчиња да станат носители на промените во сопствената околина, да почувствуваат дека имаат глас за борба и да градат свесност преку разбивање на митовите со кои е обвиткано насилството и дискриминацијата. Ние сме благодарни за поддршката од AVON и AVON Фондацијата во унапредувањето на оваа исклучително важна мисија.”

Покрај партнерството со WAGGGS, AVON останува посветен да биде глобален глас кој ќе фрли светло на многуте форми на насилство, напади и злоупотреба со кои се соочуваат жените и девојчињата. Во текот на 16те дена активизам против родовото насилство, во периодот помеѓу од 25ти ноември 10ти декември, AVON ќе донира средства од продажбата на производи од специјалата линија со син знак на бесконечност, со цел поддршка на невладини организации ширум светот кои се борат против родовото насилство. Досега, за таа цел, AVON Фондацијата и компанијата AVON донирале 65 милиони долари во светски рамки.
AVON Македонија ја оствари својата прва донација во вредност од 10.000 долари во 2017та година, отпочнувајќи го партнертството со невладината организација Кризен центар “Надеж”. Средствата беа наменети за едукација, поддршка на СОС линијата и подобрување на условите на шелтер центарот.
Заложбите и посветеноста за креирање на подобар и побезбеден свет за жените и девојчињата продолжува и понатаму!
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

