Економија
Продолжуваат позитивните финансиски резултати на „Реплек“ во првото полугодие од 2024 година
„Реплек АД“ во целост го реализираше предвидениот план за продажба во првата половина од 2024 година, забележувајќи раст на остварените приходи од продажба во сегментот „Фармација“ од 20,5% во однос на истиот период минатата година. Истовремено, компанијата успешно продолжува да го реализира бизнис планот за 2024 година и во останатите сегменти, вклучувајќи ги инвестициите во зголемување на производствените капацитети, дигитализацијата и преземање на права за застапништво, како и во зголемување на задоволството и мотивацијата на вработените, што ќе придонесе за натамошен континуиран напредок и успех на компанијата.
Вкупните оперативни приходи на „Реплек АД“ во првото полугодие од 2024 година надминаа 865 милиони денари и се за 20% повисоки во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците од објавениот неревидиран консолидиран финансиски извештај за работењето на компанијата за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2024. Најголемо учество во вкупните приходи имаат приходите остварени од продажбата во сегментот „Фармација“ (13,6 милиони евра), каде е забележан скок во продажбата на домашниот пазар од 46% (2,97 милиони евра) и раст на продажбата на странските пазари од 15%, достигнувајќи вредност од 10,6 милиони евра. Ваквите резултати во продажбата во првото полугодие од оваа годинагенерираа и раст во консолидираната оперативна добивка, која во овој период е зголемена за 4 % во однос на лани. Истовремено, вкупните инвестиции на Реплек АД, реализирани во првите шест месеци од оваа година, достигнаа вредност од 5,6 милиони евра, што претставува значително зголемување во однос на истиот период минатата година и претставува показател за посветеноста во реализацијата на амбициозниот нов инвестициски циклус на компанијата со кој се предвидува нејзина целосна модернизација.
„Позитивните резултати кои продолжуваме да ги остваруваме и во првата половина од оваа година се показател дека нашата стратегија за долгорочен одржлив развој на Реплек и деловните планови кои произлегуваат од неа се добро поставени и димензионирани. Главната цел на досегашните промени и вложувања што ги направивме, како и на оние кои допрва ќе се случуваат, е да генерираме дополнителна вредност за сите, почнувајќи од потрошувачите, нашите вработени, акционерите, деловните партнери и заедницата. Затоа и натаму остануваме посветени на натамошната целокупна технолошка модернизација на Реплек, на иновациите во проширување на нашето портфолио на производи и на јакнењето на нашите пазарни позиции и перформанси, како и на вложувањата кои треба да ја гарантираат благосостојбата на нашите вработени“, изјави главниот извршен директор на „Реплек АД“, Душан Пецовски.
Инаку, согласно усвоениот бизнис план, до крајот на оваа година се очекува „Реплек АД“ да оствари вкупен раст на приходите од продажба од 24% во однос на 2023 година, како и раст на добивката која е проектирана на минимум 3,5 милиони евра, што ќе овозможи остварување на плановите од среднорочнатадивидендна политика на компанијата. Истовремено, ќе продолжи и реализацијата на планираните вложувања во автоматизација, дигитализација и натамошно подобрување на условите за работа, како и на вложувања во зголемување на задоволството и мотивацијата на вработените. Пример за ваквиот вид исчекор е и бонусот за вработените за нивниот придонес во остварените позитивни резултати на компанијата во 2023 година, што беше исплатен во март оваа година.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.
Економија
Почна исплатата на „Мој ДДВ“, повик до граѓаните со погрешна сметка да ги ажурираат податоците
Управата за Јавни Приходи – УЈП ја почна исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
До денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
Напомeна: во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
„Апелираме Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, велат од УЈП.

