Економија
Промовиран дигиталниот Систем за рамномерен регионален развој
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, амбасадорката на Швајцарската конфедерација во Северна Македонија Сибил Зутер Техада, градоначалници и претставници на државните и локалните власти денеска во Клубот на органите на државната управа присуствуваа на настан на кој беше промовиран дигиталниот „Систем за рамномерен регионален развој“ (sirеra.mk), којшто е развиен во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Вицепремиерот Битиќи, во рамките на чиј кабинет беше спроведена првата компонента на „Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, посочи дека преку овој проект е креиран електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „Си ре ра“, со кој се овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет.
Тој додаде дека функцијата на оваа современа алатка е да ѝ помогне на Владата, но и на другите вклучени страни, пред сè министерствата, агенциите, дирекциите и останатите државни институции, во процесот на успешна имплементација на новиот Закон за рамномерен регионален развој и достигнувањето на предвидените 1% од БДП, како инпут во развојот на општините и регионите.
„Системот sirera.mk., дава точен преглед на сите инвестиции кои произлегуваат од националниот буџет и се инвестираат на регионално ниво. Електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен Си ре ра, овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет. Истовремено, овој систем ја зголемува транспарентноста и отчетноста на институциите, ја подобрува комуникација помеѓу институциите и ја зголемува ефикасноста и капацитетот на програмите“, посочи вицепремиерот Битиќи и додаде дека алатката дигиталниот систем во овој момент е надополнет со 10-годишни историски податоци преку чија анализа лесно може да се утврди трендот на раст на инвестициите кои се поврзани со една важна тема како што е рамномерниот регионален развој, објаснуваат надлежните.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, информираше дека Системот sierra.mk многу важен затоа што тоа е дел од севкупните реформи коишто се направени во изминатите 2 години со голема поддршка на амбасадата на швајцарската амбасада.
„Прва компонента која треба да се имплементира тоа е вклучувањето во системот на овој систем, кој ќе биде јавно достапен и до медиумите и до граѓаните, до новинарите кои се занимаваат со анализи, да можат во секој момент да ги видат податоците, каква е тенденцијата за регионален развој, односно дали се почитуваат критериумите и поделбата на парите според степенот на развиенот на планските региони“, нагласи Милевски.
Министерот посочи дека вкупната вредност на проектот изнесува 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони швајцарски франци се од Владата на Швајцарија и швајцарската амбасада, а остатокот од буџетот на државата.
Амбасадорката на Швајцарската конфедерација, Н.Е. Сибил Зутер Техада, изрази задоволство што е извршена промоција на новиот дигитален систем sierra.mk и посочи дека очекува со системот да се подобри институционалната комуникација и координација и процесот на планирање, имплементирање и мониторинг на политиките за рамномерен регионален развој, кои беа развивани со поддршка од Швајцарија. Според неа, рамномерниот регионален развој е витален за доброто на сите граѓани, особено ранливите категории кои живеат во рурални и неразвиени региони во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Партнерство за енергетската иднина“: Потпишан Меморандум меѓу Министерството за енергетика и УНДП“
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува јасна и долгорочна рамка за заедничко делување во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и одржливиот развој.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, Армен Григорјан. Со Меморандумот се зајакнува институционалната соработка меѓу двете страни и се отвора простор за координирани активности насочени кон праведна и инклузивна енергетска транзиција, зајакнување на енергетската независност и отпорност на државата, како и исполнување на националните и меѓународните климатски цели.
„Овој Меморандум претставува силна потврда на нашата заложба за модерна, одржлива и праведна енергетска транзиција. Преку партнерството со УНДП добиваме дополнителна експертиза и поддршка за креирање и спроведување политики кои носат конкретни придобивки за граѓаните, економијата и животната средина“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Соработката ќе се реализира во согласност со националните приоритети и Програмскиот документ на УНДП за Република Северна Македонија за периодот 2026–2030, со посебен фокус на добро управување, транспарентност и активно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки поврзани со енергетиката.
„УНДП останува посветен партнер на институциите во Северна Македонија во унапредувањето на одржливиот развој. Овој Меморандум создава силна основа за заедничка работа во енергетскиот сектор, со фокус на чиста енергија, намалување на емисиите и инклузивен јавен дијалог“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Меморандумот предвидува заеднички активности во развојот на енергетскиот сектор, рударството и управувањето со минералните ресурси, намалување на емисиите на стакленички гасови преку зголемена примена на обновливи извори и мерки за енергетска ефикасност, како и поддршка во изработката и спроведувањето на национални стратегии, законодавство и акциски планови во областа на енергетиката.
Особено значаен сегмент од соработката е насочен кон јакнење на институционалните, техничките и човечките капацитети, преку градење експертиза и подобрување на процесите за креирање и спроведување јавни политики, како и кон унапредување на транспарентноста и инклузивниот јавен дијалог, со посебно внимание на младите, жените и ранливите групи граѓани. Во рамки на партнерството е предвидена и заедничка организација на национални и меѓународни настани, форуми и иницијативи посветени на одржливиот развој и енергетската транзиција.
Меморандумот е склучен на период од четири години, со можност за продолжување, и претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за енергетика и УНДП во насока на одржлива и сигурна енергетска иднина за Северна Македонија.
Економија
Новата Ford Puma Gen-E финалист на европскиот натпревар AUTOBEST 2026!
Ford Puma Gen-E е избрана за финалист на престижниот избор AUTOBEST 2026 – признание што ја потврдува визијата на Ford за иновативна, ефикасна и достапна мобилност.
Како нова електрифицирана генерација на омилениот кросовер, Puma Gen-E комбинира динамичен дизајн, напредни технологии и практичност создадена за секојдневието. Со фокус на одржливост и паметни решенија, моделот нуди возбудливо искуство во градот и надвор од него, без компромис во удобноста и перформансите.
Ова признание од AUTOBEST е уште една потврда дека Ford Puma Gen-E поставува нови стандарди во својата класа.
👉 Вашиот глас е важен!
Поддржете ја Ford Puma Gen-E и гласајте во изборот AUTOBEST 2026 на https://autobest.org/.
AUTOBEST е еден од најрелевантните и највлијателни европски автомобилски избори, основан со цел да ги претставува интересите на реалните возачи низ целиот континент. Жирито на AUTOBEST го сочинуваат реномирани автомобилски новинари од повеќе од 30 европски земји, кои заедно претставуваат над 90% од европскиот автомобилски пазар.
Финалистите и победниците на AUTOBEST се сметаат за репер во европската автомобилска индустрија, а самото учество во финалната селекција претставува значајно признание за квалитетот и визијата на еден модел.
(ПР)
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“

