Економија
Промовиран јавниот повик за дигитализација во земјоделството
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Коста Петров, денеска го објавија новиот јавен повик – предизвик за дигитализација на земјоделството, наменет за проекти на стартапи од земјоделскиот сектор, со кои на земјоделците ќе им се олесни пристапот до дигиталните технологии и ќе придонесе кон поефикасно и поодржливо земјоделство.
„Во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, во делот за иновациска дејност, секоја година се одвојува 1 % од вкупната вредност на Програмата за почнување бизниси во руралните средини со воведување иновации во земјоделството. Да ги повикаме сите, особено од ИТ-секторот, да аплицираат за да може да се види практичната примена на новите технологии, па да зборуваме за паметно земјоделство, кое кај нас има пионерски чекори“, изјави Димковски.
Тој додаде дека преку дигитализацијата земјоделското производство ќе се модернизира и ќе се намалат производствените трошоци, а примената на дигиталната технологија, користењето софтверски решенија за контрола на влага во почвата, температура и влажност на воздухот, светлина и сите други услови потребни за правилен раст на растенијата, значително ќе го олеснат земјоделското производство.
На повикот ќе може да аплицираат сите напредни стартап-компании, кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ или услуга, кој ќе придонесе кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор, велат од ова Министерство.
За овој проект обезбеден е вкупен буџет од 6.000.000 денари. За поединечен предлог-проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90 % од вкупниот буџет, во максимален износ од 1.500.000 денари. Корисникот треба да обезбеди минимум 10 % од вкупниот буџет на проектот.
Преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост, на апликантите и идните корисници ќе бидат обезбедени менторска поддршка и поддршка во однос на комерцијализација на иновациите.
Со цел поголема поддршка на стартапите при подготовка на предлог-проектите, за времетраење на повикот ФИТР ќе организира инфо-настани, бесплатна техничка помош од експерти и менторски работилници.
Рокот за аплицирање на повикот е до 16.4.2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.
Економија
Попов: Инвестираме во младите, конечно ќе се финализираат зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура
На денешната комисиска расправа за Предлог – буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов кој истакна дека буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади.
„Буџетот е уште еден доказ за посветеноста кон младите на оваа Влада. И повторно тоа не се празни зборови како што бевме навикнати во минатото, напротив резултатите се видливи и опипливи. Насекаде во државата се реализираат проекти кои се од младинско значење, после 7 години конечно се реконструираат студентски домови и за брзо од денес ќе заминат во историја оние денови кога студентите ги сместувавме во домови кои личеа на концентрациони логори, оперативните планови за вработувања и мерки за самовработувања не се само на хартија и наменети за привилегираните, туку тие се за сите. Нема општина каде не се гради нов спортски терен или комплекс, нема место каде не се гради нова градинка или училиште“, рече Попов.
Пратеникот Попов се осврна на делот од Предлог – буџетот кој е од младинско значење потенцирајќи ги зголемените средствата кои ќе значат подобра и поквалитетна настава за студентите во Македонија, можноста научно и интелектуално да се реализираат младите, како и создавањето на инклузивно средно образование.
„Имено во овој буџет имаме 32,5 милиони денари за изградба на најпопуларниот факултет во нашата држава ФИНКИ и секако Факултетот за физичка култура. Во високото образование имаме зголемување од 2,8 проценти и тоа се средства кои ќе ги добие УКИМ, универзитетот во Тетово, УКЛО, Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Зголемување од 25% за наука, на тој начин се спречува одлевањето на младите мозоци. Не се заборавени ниту средношколците, во средното образование имаме зголемување од 5,2%, за училишни спортски сали имаме зголемување од 363,6 милиони денари, јасен сигнал дека оваа Влада работи на создавање на здрава младина“, вели Попов.

