Економија
Развојната банка: 11 декември е краен рок за кредитната линија „Ковид 3“

Развојната банка, во согласност со задолжението од Владата и анексот кон договорот за администрирање фонд за микро и мали претпријатија, на својата веб-страница објави јавен повик со кој им се нуди можност на кредитокорисниците на кредити од третата бескаматна кредитна линија „Ковид 3“ да поднесат барање за продолжување на грејс-периодот и рокот на отплата на кредитите за 12 (дванаесет) месеци.
Во согласност со јавниот повик компаниите треба да поднесат електронско барање до банката, кое може да се преземе од веб-страницата на банката. Барањето се прикачува електронски, на веб-форма објавена во самиот повик. Како услов за одобрување на барањето за дополнително утврдување на грејс-периодот и продолжување на рокот на отплата на кредитот е кредитокорисникот пред поднесување на барањето да ги има намирено сите достасани обврски по основ на главница и камата по кредит од кредитната линија од фондот за микро и мали претпријатија („Ковид-3“).
Поднесеното барање за дополнителен рок и грејс-период не го елиминира правото во иднина да се поднесе барање за отпуштање на долгот од 30 % од износот на кредитот во согласност со утврдените критериуми наведени во договорот за кредит.
Јавниот повик и барањето за дополнителен грејс-период, како и упатството за поднесување на барањето, се достапни на следниот линк.
Повикот важи заклучно со 11.12.2021 година кога е и последниот ден за поднесување на барањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.
Економија
Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите

Во Народната банка се одржа 54. сесија на Клубот на истражувачите на која беше претставен научниот труд „Макроекономски, институционални и финансиски детерминанти на дефицитот на тековната сметка во Северна Македонија: Согледувања преку временски серии“ од авторот Бардул Даути.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика, Султанија Бојчева-Терзијан, која посочи дека презентираниот труд нуди значајни сознанија за макроекономските и институционалните фактори коишто влијаат на дефицитот на тековната сметка во Република Северна Македонија. Таа нагласи дека надворешната позиција на македонската економија има особено значење, имајќи ја предвид стратегија на фиксен девизен курс, што ја спроведуваме. Во таа насока, одржливата тековна сметка претставува клучен елемент за зачувување на севкупната макроекономска стабилност.
Главниот заклучок на емпириската анализа е дека дефицитот на тековната сметка е резултат на макроекономски фактори – производниот јаз, како индикатор на домашната побарувачка, трговската отвореност и реалниот девизен курс. Дополнително, влијание имаат и фискални и финансиски фактори, како што се јавниот долг и паричната маса (М2), соодветно. Сепак, клучниот придонес на овој труд е вклучувањето на т.н. институционални фактори и оцената на нивното влијание врз билансот на тековната сметка. Студијата покажува дека силните институции – особено поефикасното управување, зголемениот квалитет на јавните услуги и заштитата на економските права, како што е правото на сопственост – можат значително да придонесат за подобрување на тековната сметка на платниот биланс. Овие заклучоци упатуваат дека, институционалните реформи се исто така важен сегмент за зајакнување на надворешната стабилност на економијата.
По презентацијата, следеше дискусија меѓу учесниците и презентерите, поттикната од презентацијата на трудот и од изнесените заклучоци. Следната сесија е планирана за септември годинава.