Економија
Раст на безготовинските платежни трансакции со платежни картички и електронски иницираните кредитни трансфери во земјата
Народната банка на Република Северна Македонија ги објави податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2023 година.
Податоците покажуваат дека и во третиот квартал од 2023 година се бележи нагорен тренд во употребата на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од граѓаните, како на платежните картички така и на мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери, т.н. платни налози.
Годишниот раст на употребата на платежните картички издадени во земјата за готовински трансакции и за плаќање производи и услуги во земјата од страна на граѓаните во третиот квартал од оваа година, во споредба со истиот период минатата година, изнесува 12,8 % кај бројот и 10,0 % кај вредноста на овие трансакции. Притоа значителен годишен раст од 15,1 % е забележан кај употребата на картичките за плаќање производи и услуги во земјата, кој, пред сè, се должи на посилниот раст на плаќањата на физичките места на продажба од 15,9 %, но и солиден раст од 9,0 % на плаќањата на виртуелните (интернет) продажни места.
Плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) во истиот период забележаа годишен раст од 9,3 % кај вредноста и 5,0 % кај бројот на остварените трансакции при натамошна зголемена употреба на електронското банкарство за иницирање на овие плаќања. Имено, бројот на електронски иницираните платни налози во третиот квартал од 2023 година забележа годишен раст од 16,1 %, што е повеќе за 10,8 п.п. од годишниот раст во третиот квартал од 2022 година (5,3 %). Во споредба со истиот период од 2022 година се забележува позитивен нагорен тренд, особено кај употребата на апликациите на мобилните телефони, или годишен раст од 19,5 %, како и кај употребата на компјутерите за извршување на плаќањата (11,8 %).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

