Економија
Рекордни приходи од концесии: За 9 месеци наплатени 931 милиони денари надоместоци за експлоатација на минерални суровини, известува Министерството за енергетика
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во третиот квартал од 2025 година достигна рекордни 384.166.062,00 денари. Ова претставува зголемување за повеќе од два и пол пати во однос на истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 147.703.963,00 денари денари.
Овој успех следи по исклучителните резултати од првиот квартал од 2025 година, кога беа наплатени 260.327.223,00 денари, во споредба со 110.576.324 денари во првиот квартал од 2024 година и вториот квартал од 2025 година наплатени беа 286,355,517.00 денари, а истиот период во 2024 година, кога беа наплатени 133 576 534 денари, извести Министерството за енергетика.
Збирно, за деветте месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 931.000.000 денари, што е историски успех во управувањето со природните ресурси и претставува зголемување за два и пол пати во однос на истиот период во 2024 година
Министерството очекува оваа бројка да расте со оглед на фактот дека се испратени опомени до концесионерите што се ште не ја регулирале обврската да го сторат тоа во рокот во спротивно ризикуваат со раскин на договори за оние кои не ги почитуваат законите. Владата на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во изминатиот период има донесено вкупно 46 одлуки за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина а дел од нив се поради неплаќање на концесискиот надоместок согласно утврдениот Тарифник.
Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи:
· Засилени инспекциски контроли: Редовни и вонредни теренски проверки за обезбедување усогласеност со законските обврски.
· Писмени опомени и санкции: Испратени се предупредувања до концесионерите за навремено подмирување на обврските, со едностран раскин на договори за оние кои не ги почитуваат законите.
· Нов Тарифник од 1 јануари 2025: Воведен е нов Тарифник кој ја зголеми висината на надоместоците до 100%, обезбедувајќи правична вредност за користење на природните ресурси. Овие измени не се однесуваат на енергетските минерални суровини, како јагленот, со цел да се заштитат граѓаните од дополнителен притисок врз цените на електричната енергија.
Зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет. Овие средства се инвестираат во:
· Поголеми буџети за општините,
· Инвестиции во комунална инфраструктура,
· Проекти за енергетска транзиција и одржлив развој.
· Проекти за заштита на животната средина.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси. Овие резултати се доказ за нашата определба да ги зајакнеме економските придобивки од експлоатацијата на минералните суровини, истовремено обезбедувајќи одржлив развој и поддршка за локалните заедници, се додава во соопштението на Министерството за енергетика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

