Економија
„Реплек“ со раст на приходите од продажба од 20 отсто во првата половина од 2024
„Реплек АД“ продолжува да бележи позитивни резултати од своето работење. Во првите шест месеци од годината вкупните остварени приходи од продажба во сегментот фармација изнесуваат 13,6 милиони евра, што е за 20% повеќе во однос на приходите остварени во истиот период минатата година. Растот на приходите од продажба е со нагорен тренд и на домашниот и на странските пазари. Во овој период компанијата оствари раст на приходите од продажба на домашниот пазар од 2,97 милиони евра, што е за 46% повисоко во однос на лани. На странските пазари компанијата реализираше продажба во вредност од 10,6 милиони евра, што е за 15% повисоко во однос на истиот период минатата година.
Растот на продажбата се должи на континуираните инвестиции во зајакнување на пазарните позиции, освојување на нови пазари и унапредување на квалитетот на портфолиото на компанијата особено во сегментот фармација.
„Нашата стратегија која е фокусирана на неколку клучни столба – инвестиции и модернизација, унапредување на задоволството на вработените и градење на силно портфолио кое е конкурентно на пазарите, дава резултати. Ние направивме многу промени во компанијата, бидејќи тоа беше неопходно за да ја реализираме нашата визија, а тоа е силна компанија, препознатлива на пазарите, со која ќе се гордеат вработените. Иако промените не се лесни докажавме дека со посветеност, јасен концепт и храброст можеме да го реализираме нашиот сон. Реплек се трансформираше во една нова успешна и динамична приказна која дава сериозни резултати за македонската економија и силно ги гради своите позиции на пазарите, поместувајќи ги границите. Продолжуваме во истата насока, градејќи нови можности за нашите вработени, акционерите и за сите наши партнери “ истакна Душан Пецовски, главен и извршен директор на „Реплек АД“.
Растот на приходите од продажба во првата половина на 2024 година ја прави извесна реализацијата на предвидувањата за очекуваните приходи на продажба кои според финансискиот план се очекува да изнесуваат околу 31 милион евра на годишно ниво, со што ќе се оствари раст од 23,5% во однос на 2023 година. „Реплек АД“ пред извесен период креираше долгорочна развојна стратегија која се темели на зголемување на продажбата на странските и на домашниот пазар, на иновациите во портфолиото на производи, како и на значителни вложувања во технолошкиот напредок и во развојот и добросостојбата на своите вработени. Компанијата во континуитет работи на освојување на нови пазари.
„Реплек АД“ минатата година за прв пат објави и предлог среднорочна дивидендна политика, која се темели на остварување годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150% од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Преку овој стратешки акт се овозможува поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што ќе обезбеди и поголем прилив на свеж капитал во компанијата, правејќи ги акциите на компанијата атрактивни за инвеститорите.
„Реплек АД“ пласира 75% од своето портфолио на повеќе од 25 пазари во светот. Производите на компанијата се присутни на пазари во земји членки на ЕУ, Адрија регионот, во земјите на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, како и на пазарите во ЗНД.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

