Економија
РКЕ: „ЕСМ производство на топлина“ доби лиценца за вршење енергетска дејност за 10 години
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на главна седница донесе oдлука за издавање лиценца за вршење енергетска дејност регулирано производство на топлинска енергија на „ЕСМ производство на топлина“. Со оваа одлука „ЕСМ производство на топлина“ стекна лиценца со рок на важност од 10 години.
„Одлуката следува откога компанијата поднесе барање и ги достави соодветните документи во согласност со Законот за енергетиката и Правилникот за лиценци, со што утврдивме дека условите се исполнети за да стекне лиценца за регулирано производство на топлинска енергија. РКЕ минатата година издаде три лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на три компании на ЕСМ, но оваа лиценца за производство со топлинска енергија беше издадена во ограничен временски период, што беше поврзан со грејната сезона поради роковите во кои е склучен договорот за основните средства со ‘Адора инженеринг’. Денеска, ‘ЕСМ производство’ има лиценца за 10 години. Како што следите, РКЕ во континуитет носи одлуки за сигурна, стабилна и безбедна испорака на енергенти за граѓаните“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Во 2022 година БЕГ достави известување со кое ги врати лиценците за трите дејности, а како клучни причини ги наведе: кредитна неспособност, нарушена ликвидност, правна несигурност во работењето поради многубројни судски постапки иницирани против БЕГ, оспорување на законитоста на лиценцата за регулирано производство на топлинска енергија од правни лица и институции, како и оспорување на валидноста на договорот за закуп на основни средства. РКЕ донесе одлука за престанок на важење на лиценците на БЕГ. Потоа, Владата распиша оглас за извршување јавна дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, а РКЕ во соодветна постапка додели лиценци на трите фирми на ЕСМ, со што практично ЕСМ го презеде работењето со топлинска енергија и се обезбедија услови за непречено одвивање на грејната сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

