Економија
Русија го прекинува членството во договорот за жито

Русија го суспендираше учеството во договорот за жито.
Русија објави дека го прекинува учеството во договорот за жито по денешниот напад во Севастопол врз воени бродови на Црноморската флота и трговски бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.
„ Имајќи го предвид терористичкиот акт извршен од режимот во Киев со учество на британски експерти на 29 октомври 2022 година, против бродовите на Црноморската флота и цивилните бродови ангажирани за обезбедување на безбедноста на коридорот за жито, Русија го суспендира своето учество во спроведувањето на договорот за извоз на земјоделски производи од украинските пристаништа“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана, пренесува ТАСС.
Според тврдењата на руското Министерство, британски експерти од градот Очаков, Николаевската област, учествувале во планирањето на денешниот напад со девет беспилотни летала и седум автономни поморски беспилотни летала на руски бродови на Црноморската флота и цивилни пловни објекти, кои беа лоцирани на надворешните и внатрешните приклучоци во базата во Севастопол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дизелот поскапува, цената на бензините останува иста

Од ноќеска на полноќ, дизелот ќе поскапи за два денари, додека цената на бензините ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 16.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,529 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,079 ден/кг и сега ќе изнесува 36,529 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Економија
За 2025 година Владата утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци, изјави Дурмиши

За 2025 година, Владата на Република Северна Македонија утврди квота од 10.000 работни дозволи за странци. Оваа бројка е резултат на внимателна анализа на состојбата на пазарот на труд и изразените потреби од работна сила во различни сектори, изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на регионалната конференција за трудова миграција што се одржува во Будва, во организација на Меѓународната организација за миграции (IOM) и партнерските институции од регионот.
Тој додаде дека системот е прецизен, транспарентен и ја почитува домашната работна сила, истовремено отстапувајќи простор за пополнување на дефицитарните профили со квалификувани странски работници.
Според министерот, заложбата на Владата е да се создаде амбиент каде што секој што легално живее и работи во нашата земја ќе се чувствува безбедно, почитувано и поддржано.
„Трудовата миграција претставува можност за економски раст на секоја земја – но само доколку е управувана мудро, со почитување на човековите права, со визија за иднината и со подготвеност за соработка. Нашата цел е јасна – да изградиме општество во кое трудовата миграција ќе го поттикнува растот, ќе ги поврзува луѓето и ќе создава заедничка иднина на стабилност, развој и достоинство. Нашата земја останува отворена за соработка со земјите од Западен Балкан и пошироко. Веруваме дека преку заедничко планирање и усогласување на регулативите, можеме да овозможиме циркулација на вештини, поддршка на иновациите и намалување на сивата економија“, заклучи министерот Дурмиши.
Тој рече дека нашата земја ги гледа мигрантите не само како работна сила, туку како носители на знаење, искуство, културна размена и економски потенцијал.
„Регулираното вклучување на странски работници придонесува кон подигнување на продуктивноста, развојот на трудоинтензивни индустрии и стабилизирање на вработеноста“, рече министерот.
„За трудовата миграција да биде успешна, таа мора да биде придружена со социјални и интеграциски политики. Тоа значи заштита на работничките права, борба против дискриминација, почитување на културните разлики и обезбедување еднаков пристап до информации и институции“, кажа министерот и додаде дека во Северна Македонија согласно Законот за вработување и работа на странци, се обезбедува стабилен и јасен правен механизам, преку кој странските работници можат да се вклучат во економијата на нашата држава, секогаш во согласност со домашните потреби и стандарди.
Законот предвидува утврдување на годишна квота за работни дозволи, која не смее да надминува 5% од вкупно вработеното население во земјата.
Економија
СЕПА: Напредува подготовката на банките за приклучување во европската платежна инфраструктура во октомври 2025 година

Сите дванаесет комерцијални банки во земјава интензивно работат на изготвување апликации и технички решенија потребни за нивното вклучување во платежната шема за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Една системски значајна банка веќе ја поднесе апликацијата до Европскиот совет за плаќања (ЕПС), девет банки имаат направено избор на странска банка преку која ќе ги извршуваат плаќањата, коешто е предуслов за поднесување на апликацијата, додека останатите се во фаза на завршување на овие активности. Се очекува, најголемиот дел од банките да го завршат овој процес до 22 август 2025 година за да можат да започнат со извршување на првите прекугранични трансакции во евра во рамките на СЕПА на почетокот на октомври 2025 година, којшто е и најраниот рок утврден од ЕПС за приклучување на давателите на платежни услуги од нашата земја.
Ова е заклучокот од состанокот одржан помеѓу претставниците од Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) во Националниот совет за платни системи (НСП), со цел согледување на тековниот статус на плановите и роковите за миграција на банките, предизвиците со коишто се соочуваат и можностите за нивно надминување за навремено и успешно приклучување во СЕПА. НСП е консултативно тело коешто преку координирани активности на сите засегнати страни од регулаторен и деловен аспект има за цел да го поддржи развојот на платниот систем во земјата и да ја зголеми ефикасноста на плаќањата во земјата и странство. Состанокот го предводеше вицегувернерката Емилија Нацевска, која е претседателка на НСП. НСП, преку постојана соработка на сите засегнати страни во земјата, ќе продолжи да им дава поддршка на банките за разрешување на сите отворени прашања со цел нивна ефикасна интеграција во платежните шеми во СЕПА.
На 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, а со тоа се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки. Интеграцијата на банките во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, пред сѐ брзи, сигурни и поевтини прекугранични плаќања во евра и зголемена економска активност. Народната банка, како носител на активностите за членството на земјата во СЕПА, останува посветена на процесот на интеграција на банките, при што редовно и навремено ќе ја информира јавноста за напредокот.