Економија
Русија подготвена да го намали производството на нафта за 1,6 милиони барели дневно

Според договорот што го постигна со земјите на ОПЕК, Русија соопшти дека е подготвена да го намали производството на нафта за 14 проценти, или 1,6 милиони барели на ден, изјави неименуван официјален претставник на руското Министерство за енергетика.
„Ја потврдувам нашата подготвеност да го намалиме производството на руска нафта за 1,6 милиони барели на ден“, изјавил официјалниот претставник на Кремљ.
Според некои извори, во новиот договор се вклучени САД, Мексико, Норвешка, Канада и други земји и се предвидува да се намали глобалното производство за 70 милиони барели на ден. Видеосесија за падот на светските производство на нафта на земјите од ОПЕК се очекува да се одржи денеска.
Рускиот претседател Владимир Путин порано изјави дека Москва е подготвена да го намали производството на нафта само доколку другите светски производители на нафта, вклучително и САД, се согласат да го сторат истото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Тренчевска: Власта ги остави граѓаните сами со големите цени и високите сметки, ги одби законите за ДДВ

Кога денеска или утре ќе платите висока сметка за струја, кога во маркет ќе мора да платите прескапи цени за храна да знаете дека има причина за тоа, оценува пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
„На 24 февруари пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН одбија да ви помогнат, ги одбија Законските решенија на СДСМ намалување на ДДВ-то за струја и укинување на ДДВ за храна. Оваа власт покажа дека не се грижи за граѓаните и нема намера да преземе ништо, ниту да ги заштити оптеретените семејни буџети ниту да им помогне. Граѓаните имаат се помалку пари во џебовите, животниот стандард опаѓа. Нашиот предлог Закон за намалување на ДДВ за струја на 5% и целосно укинување на ДДВ-то за храна беа со посветена цел: да се спречи скапотијата, да се намалат цените, да се обезбеди пониски сметки за струја за над 600 илјади домаќинства и да се заштити стандардот на народот“, вели таа.
Појасни дека само со укинување на ДДВ за храна, граѓаните би заштедиле 2.000 денари месечно а со намалување на ДДВ за струја до 400 денари месечно.
Но Владата на Мицкоски, според неа има други приоритети.
„Граѓаните не и се приоритет. Граѓаните кои секој ден се борат со огромната скапотија и едвај врзуваат крај со крај се оставени сами.
Ова го покажува вистинското лице на ДПМНЕ и Мицкоски кое се грижи само за елитата и за богатите трговци“, нагласи таа.
СДСМ, како што најави, ќе продолжи неуморно да се залага за мерки што ќе го подобрат животниот стандард и ќе го заштитат достоинството на секој македонски граѓа
Економија
Ангеловска-Бежоска – Ван Рај: Политиките на централната банка имаат голем придонес за макроекономската стабилност

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Марникс ван Рај, заменик извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е во посета на нашата земја во рамките на редовната мисија на ММФ за оцена на макроекономските политики на земјата.
На средбата се зборуваше за политиките на централната банка во изминатиот период на последователни кризи, како и за предизвиците за следниот период. Притоа беше оценето дека соодветно поставените политики и преземените мерки придонесоа за значително намалување на инфлациските притисоци, одржување на стабилноста на девизниот курс како номинално сидро, пораст на девизните резерви и за одржување на стабилноста на банкарскиот систем. Сите овие подрачја на редовна основа се разгледуваат со претставниците на ММФ во рамките на мисиите поврзани со членот 4 од договорот за членство во Фондот. Марникс ван Рај изрази позитивен став за начинот на спроведување на монетарната и макропрудентната политика од страна на Народната банка и нагласи дека е потребно натамошно претпазливо водење на политиките, со оглед на тековните ризици од надворешното окружување.
Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, посочи дека централната банка е посветена на одржувањето на севкупната макроекономска стабилност и упати на потребата од внимателност, во услови на зголемени глобални неизвесности, но и домашни ризици. Воедно, таа се осврна и на банкарскиот систем, при што истакна дека Народната банка постојано презема повеќе макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Како резултат на овие мерки, податоците покажуваат унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор во однос на преткризниот период, со највисока адекватност на капиталот во изминатите две децении.
На средбата со високиот претставник на ММФ беше зборувано и за значењето на независноста на централната банка за успешното остварување на нејзините законски цели.
Економија
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, лицемерен бил предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата

Лицемерни се предложените измени од пратениците од СДСМ за намалување на ДДВ-то на храната и струјата, изјави Игор Здравковски од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ откако владејачкото мнозинство не даде поддршка за овој предлог во законодавниот дом.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по седум години власт, социјалдемократите предлагаат мерка за намалување на ДДВ на храната и струјата, а претходно ги зголемија стапките на ДДВ на стотици артикли.
„Во ситуација на енергетска криза, кога цената на берзите беше над 800Е за MWh, тие беа глуви на барањата на потрошувачите, на опозицијата и на граѓаните, па не дадоа ниту време, ниту модус да застанат на страна на граѓаните. Напротив, го искористија моментот да го искрадат и уништат енергетскиот сектор преку матни тендери. Економските и енергетските генијалци, успеаја цената на производот на електрична енергија да ја качат од 45Е на 133Е за MWh. Денес цената на струјата е стабилна, а покачувањето е 1,48 отсто во последните 8 месеци“, рече Здравковски.
Како што додаде, со активните мерки со ограничување на маржите ќе има запирање на инфлацијата на храната, а со тоа и заштита на стандардот на граѓаните.
До СДСМ порача, наместо да се однесуваат лицемерно,во иднина да ги прифатат мерките на Владата и конструктивно заедно да работат за доброто на граѓаните.
Предлогот на СДСМ предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема. Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Пратеникот Фатмир Битиќи изјави дека нмалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните.