Економија
Само две прекршувања од вкупно 250 контроли-Државниот пазарен инспекторат во проверка на цените на овошјето и зеленчукот
Инспекторите од Државен пазарен инспекторат денеска контролираа субјекти на цела територија надржавата по Одлука за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало бр. 41-3467/3 од 03.04.2023 донесена од страна на Владата која се однесува на цените на замрзнување на овошјето и зеленчукот и тоа на следните производи: свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.
Како што информираат биле извршени над 250 контроли и надзори и има забележано 2 прекршувања на Одлуката за што дополнително ќе бидат издадени соодветни прекршочни платни налози.
„Од контролите е заклучено дека производите опфатени со оваа Одлука се продаваат по цени во согласност со Одлуката и се достапни во продавниците и маркетите ширум земјава. Инспекторите се и понатаму на терен“, велат од ДПИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Дурмиши: Нови дигитални алатки и посилна инспекција за заштита на работниците
Почнувањето на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ претставува значаен чекор во унапредувањето на националната политика за безбедност и здравје при работа, истакна денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во своето обраќање на официјална промоција на проектот.
„Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза, во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата“, порача Дурмиши.
Проектот е насочен кон намалување на бројот на повреди и професионални заболувања на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на системот за инспекција на трудот, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети за управување и обезбедување услуги во оваа област.
„Светот на работните односи се менува – брзата дигитализација, новите форми на вработување и економските предизвици бараат систем што предвидува, спречува и штити. Владата на Република Северна Македонија ги постави безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Законот сами по себе не е доволен – потребни се функционални институции, инспекции и континуирани обуки“, додаде министерот.
Проектот, чија реализација ќе трае до октомври 2028 година, се спроведува со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и финансиска помош од Европската Унија. Министерот Дурмиши истакна дека со заедничка работа на Владата, работодавците, синдикатите и експертите, Северна Македонија ќе создаде посигурни и поздрави работни средини, каде што безбедноста ќе биде темел на економскиот развој.
Економија
Од полноќ повисока цената на бензинот и дизелот
Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,29% во однос на одлуката од 3.11.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,613%, кај дизелот за 2,881%, кај екстра лесното масло има намалување за 0,251% и кај мазутот има исто така намалување за 2,898%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7827%
Од 11.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,427 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,486 ден/кг и сега ќе изнесува 36,427 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 11.11.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од Регулаторна.
Економија
Скопје го предводи порастот на хипотеки – над 1.500 впишани за три месеци
Во периодот април – јуни годинава се запишани 2.876 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 551.537.664 евра и 8.319.220.917 денари, покажува Извештајот за работата на Агенцијата за катастар на недвижност за вториот квартал годинава.
Од април до јуни годинава во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 1 522 хипотеки во вредност од 289.526.966 евра и 4.999.018.379 денари, а во 29-те одделенија на катастарот низ државава 1 354 со вредност од 262.010.698 евра и 3.320.202.538.
Хипотеките во вториот квартал се за 280 повеќе во однос на тие во првиот квартал 2025-та кога биле впишани 2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.
Статистиката на АКН покажува зголемување на бројот на хипотеки во изминатите неколку години. Минатата година, во периодот јануари – декември се запишани 8.748 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.719.022.360 евра и 15.161.817.874 денари, а во 2023 година 7.844 со вредност од 1.572.943.764 евра, 11.585.447.070 денари, 77.983.115 швајцарски франкови и 108.772 американски долари. Во 2022 година, пак, се регистрирани 7.658 товари врз недвижностите во вредност од 1.549.977.309 евра, 9.452.669.859 денари и 20.000 американски долари, а во 2021 8.386 и со вкупна вредност од 1.997.252.023 евра и 15.824.963.591 денар.
Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се внесени 6.135 купопродажби на недвижности (збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од Република Северна Македонија), за 580 повеќе во однос на претходниот квартал, кога биле регистрирани 5.388.
Според последните податоци на Народната банка, во септември годинава, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 проценти и 1,6 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,2 проценти и 16,1 процент соодветно.

