Економија
Светскиот економски форум основаше антикризна платформа за Европа и Евроазија
Како одговор на здравствените, економски и социјални последици предизвикани на Covid-19, Светскиот економски форум (World Economic Forum) основаше антикризна платформа – Акциска група за Европа и Евроазија, која треба пред се да ги поврзе земјите и да ги поттикне заедно да дејствуваат и да направат заедничка стратегија за сузбивање на оваа глобална криза, особено во периодот за опоравување. Во оваа Акциска група членуваат 37 избрани вицепремиери, министри, високи функционери, универзитетски професори и истражувачи. Министерката за финансии Нина Ангеловска е еден од тие 37 члена од Европа и Азија.
Акциската група има за цел да служи како антикризна платформа на која ќе се разменуваат идеи и искуства за антикризни мерки и нивното влијание на краток и долг рок на поединечни земји и регионите, како и развивање заеднички планови и стратегии за обнова на економиите по кризата, согледувајќи ги економскиот, политичкиот и социјалниот аспект. Групата ќе се состанува редовно со цел координација и проактивно дејствување.
Акциската група треба да послужи како заедница на владите и стопанството, за да со брза реакција се мобилизираат меѓурегионални акции за справување со повеќекратните ефекти на кризата предизвиката од Ковид-19 во Европа и Евроазија и заеднички да создаде стратегии за справување со последиците од кризата предизвикана од COVID-19. Воедно целта е да ја подобри координацијата помеѓу властите, стопанството, невладините организации, академската јавност и другите засегнати страни, особено идентификувајќи ги можностите за меѓурегионална и меѓуиндустриска соработка.
Покрај основните цели, Групата треба да обезбеди и стратегиски совети со цел создавање на долгорочна одржливост на постојаните регионални проекти и тоа: проектот на Дигитална Европа, Европскиот Зелен Договор и Стратешкиот дијалог за Западен Балкан, соопшти Министерството за финансии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Голема промена на летовите на „Рајанер“, грешката ќе ве чини скапо
Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ целосно ги елиминира своите шалтери за пријавување, преминувајќи на исклучиво дигитално работење. Патниците сега мора да се пријават онлајн и да имаат дигитална или испечатена карта за влез во авионот со себе.
Според новите правила, сите патници мора да се пријават преку апликацијата на „Рајанер“ или официјалната веб-страница пред да пристигнат на аеродромот. По пријавувањето онлајн, тие мора да ја преземат картата за влез во авионот на својот мобилен телефон или да ја испечатат. Без една од овие две опции, влезот во авионот нема да биде можен.
Иако шалтерите за пријавување се елиминираат, патниците што патуваат со багаж сè уште ќе можат да ги користат шалтерите за самопослужување за оставање багаж. Со други зборови, промената се однесува само на процесот на пријавување, додека системот за оставање багаж останува ист.
„Рајанер“ е познат по своите строги правила и високи такси, а новата дигитална политика не е исклучок. Патниците кои нема да се пријават за својот лет преку интернет пред да пристигнат на аеродромот ќе мора да платат 55 евра по лице за да се пријават на лице место.
Компанијата соопшти дека новата политика моментално се применува на аеродромот во Даблин, како дел од тест фазата. Целта, велат тие, е да се „подобри искуството на клиентите и да се зголеми оперативната ефикасност“ со намалување на редиците и забрзување на процесот на поминување низ аеродромот со охрабрување на патниците да прават сè дигитално пред да пристигнат на аеродромот.
Економија
„Контролата на броилата предуслов за доверба во енергетскиот систем“ – Божиновска во посета на лабораторијата на „Електродистрибуција“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети акредитираната лабораторија за проверка на броила на електрична енергија при Електродистрибуција, која повеќе од една деценија служи за контролата на мерењето и исправноста на броилата.
Посетата следи по реализираната 13-та редовна надзорна оценка на Институтот за акредитација на Република Македонија и Бирото за метрологија при Министерството за енергетика, кои годинава повторно потврдија дека Телото за инспекција на броила целосно ги исполнува барањата на меѓународниот стандард МКС ЕN ISO/IEC 17020.
Тимот на Електродистрибуција пред министерката детално ја презентираше технологијата, постапките и безбедносните протоколи што се применуваат во процесот на метролошко тестирање на броилата. Министерката Божиновска ја разгледа современата опрема, меѓу која и седум испитни станици произведени од германската компанија ЕМХ, и се запозна со инженерите и стручниот кадар кој секојдневно обезбедува прецизно, сигурно и транспарентно тестирање на броилата што ги користат потрошувачите низ целата држава.
„Прецизното испитување на броилата е клучен сегмент во создавање доверба кај потрошувачите, бидејќи секој граѓанин треба да биде сигурен дека плаќа за реално потрошена енергија. Резултатите од последната надзорна оценка потврдуваат дека Телото за инспекција на броила на електродистрибуција целосно ги исполнува барањата,“ изјави министерката Божиновска.
Министерката додаде дека Министерството за енергетика ќе продолжи со редовни обиколки и контроли на ваквите институции, со цел лично да се увери во точноста, транспарентноста и квалитетот на процесите што се од најголемо значење за граѓаните.
„Ваквите лаборатории мора да бидат модерни, сертифицирани и кредибилни, за граѓаните да знаат дека постои место каде можат да ја проверат исправноста и точноста на своето броило. Тоа е прашање на фер однос, доверба и јавен интерес,“ порача Божиновска.
Во посетата на лабораторијата заедно со министерката Божиновска присуствуваше и директорот на Бирото за метрологија, Седат Рушани. Од Министерството информираат дека и во Бирото за метрологија ќе биде ставена во функција современата опрема за државна контрола и верификација на броилата, која повеќе години бил неискористена. Со ова, граѓаните ќе добијат можност за независна државна проверка на исправноста на своите броила, директно во институција под надлежност на државата, што ќе придонесе за зголемена транспарентност, доверба и правичност во мерењето и наплатата на потрошената енергија.
Од страна на менаџерскиот тим на Електродистрибуција пак беше нагласено дека компанијата континуирано инвестира во развој на технологијата и во обука на стручниот кадар, со цел да ја задржи високата прецизност и објективност во испитувањето на броилата.
Економија
Европската инвестициска банка отвора претставништво во Скопје
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се сретна и потпиша договор со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Гроот, кој е во работна посета на нашата земја.
Според Министерството, договорот претставува важна пресвртница во зајакнувањето на поддршката за економскиот раст и интеграцијата на земјата во Европската унија.
Од независноста до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги. Отворањето на претставништвото на ЕИБ во Скопје ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и поголем пристап до техничка и финансиска поддршка што ја нудат европските институции.
„Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – поддржувајќи ги во реализацијата на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција и усвојување на европските успешни практики и стандарди,“ изјави министерот Муцунски по средбата.
„Овој договор го зајакнува нашето партнерство и ги потврдува заедничките цели – поддршка на патот на Северна Македонија кон интеграција во Европската унија, подобрена регионална поврзаност и зелена транзиција,“ изјави потпретседателот де Гроот на церемонијата на потпишување во Скопје. „Одржливите инвестиции се од витално значење за градење отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува во рамките на ЕУ и глобално,“ додаде тој.
„Како кредиторски огранок на Европската унија, ЕИБ игра клучна улога во претворањето на европската посветеност кон интеграцијата на Северна Македонија во конкретни проекти,“ изјави амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михаил Рокас. „Заедно, во рамките на пристапот „Тим Европа“, инвестираме во трансформацијата на земјата – поддржувајќи одржлив и инклузивен раст, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за сите граѓани,“ истакна тој.

