Економија
Светските трендови и уникатните дизајни на Саемот на МЕБЕЛ 2017
Меѓународниот саем на мебел, опрема за домаќинства и јавни објекти, репроматеријали и машини за индустријата на мебел – МЕБЕЛ 2017 беше отворен во вторникот и ќе трае до 26-ти март.
Две години по ред овој саем го урива рекордот со 11-те хали кои ги користат над 400 домашни и странски изложувачи. Покрај Македонија учесници има и од Босна и Херцеговина, Грција, Италија, Словенија, Србија и Хрватска.
Секоја година над 50.000 посетители ги следат уникатните модни дизајни кои се нудат на МЕБЕЛ. Овој Саем полека се надминува себеси со креативноста, можностите и оригиналноста на модерните кујни и елегантни бањи, осветлување, подови и ѕидни декорации, материјали за тапацирање, канцелариски мебел, мебел за јавни објекти, како и најновите технички и технолошки достигнувања на репроматеријали, машини и опрема за обработка на дрво. За време на МЕБЕЛ 2017 учество ќе земат и повеќе банки и осигурителни компании кои на посетителите ќе им ги понудат поволностите за кредитирање и осигурување на своите домови. Воедно, и самите изложувачи имаат свои изненадувања и попусти за посетителите во склоп на своите понуди.
Оваа година во состав на Саемот за мебел ќе учествуваат и УРБАНОЛД кои повеќе години редизајнираат и обновуваат стари парчиња на мебел. Преку нивната понуда посетителите ќе можат да ги разгледаат подобностите и можностите за нов живот на мебелот кој го имаат со години и кој е богат со чувства и моменти од минатото.
Со #МоетоОмиленоПарчеМебел на овогодинешниот Саем на мебел на сите посетители им се овозможува интересен шопинг предизвик. За да учествуваат во истиот ќе мора да го посетат Саемот, да направат фотографија од нивното омилено парче мебел и истото да го објават на нивниот Фејсбук профил како јавен пост, со хаштагот #МоетоОмиленоПарчеМебел. Откако, ќе го направат тоа, фотографиите со најмногу лајкови ќе бидат наградени со вредносни ваучери од 300, 500 и 700 евра.
Доделувањето на ваучерите за овој предизвик е на 26.03.2017 во 16 часот.
Во склоп на МЕБЕЛ 2017, традиционално ќе се организира стручно оценување на пријавени експонати и ќе бидат доделени признанија на најдобрите учесници на саемот, во две категории: производители и трговци. Стручната комисија е составена од претставници од Архитектонски факултет, Факултетот за дизајн и технологија на мебел, Асоцијација на архитекти, Кластерот на дрвна индустрија и од Министерство за економија на Македонија.
Овие признанија ќе бидат доделени на 23.03.2017 година, во 20.00 часот во Управната зграда на саемот.
Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и студенти 50 денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

