Економија
СДСМ: Раст на пензиите 24 отсто за помалку од две години
„СДСМ континуирано на дело покажува вистинска грижа за пензионерите. Новата методологијата за усогласување на пензиите со растот на просечната плата и растот на трошоците за живот обезбедува системско решение за раст на пензиите двапати годишно, кое не зависи од ничија политичка волја“, соопшти СДСМ.
Од таму велат дека пензиите од јануари 2022 година до септември 2023 година ќе пораснат за 24 отсто.
„По рекордното зголемување во март оваа година од 8,4 отсто, веќе од следниот месец пензиите ќе пораснат за околу 6 отсто. Од 2017 година досега минималната пензија е зголемена за 46 отсто. СДСМ како одговорна партија продолжува со креирање и реализација на мерки што значат подобри услови за живот за пензионерите“, се додава во соопштението на владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Со најавените една милијарда денари субвенции опфатени се сите категории на земјоделци
Денеска во општина Битола, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од медиумите беше запрашан за најавените 1 милијарда денари субвенции на што точно ќе се однесуваат.
„Тие средства кои што ги обезбедивме со ребалансот ќе бидат наменети за сите категории на земјоделски производители кои што се со соодветни апликации во Министерството. Тука се опфатени сите сточари, овоштари, лозаропроизводители и градинари“, истакна Трипуновски.
Нагласи дека на страната на земјоделците секогаш ќе биде министерството и владата кои ќе работат во решавање на нивните проблеми и маки.
„Опфатени се сите оние кои што во минатото требало, но не ги имаат земено субвенциите. Со ова сакаме да покажеме дека премиерот пред се, Владата сме цврсто решени навистина земјоделците да почувствуваат дека имаат вистински партнер од другата страна кој што ќе ги слушне и нивните маки, но и ќе работи и на решавање на нивните проблеми. И исто така ќе се гради еден добар однос кој што ќе значи Македонија да биде повторно земјоделска држава“, заклучи Трипуновски.
Економија
Тони Петрушевски нов директор на РЕК Битола
Управниот одбор на АД ЕСМ денеска именуваше нови директори во дел од термоенергетските производствени капацитети во рамките на компанијата.
За директор на подружница РЕК Битола е назначен Тони Петрушевски, дипломиран машински инженер, со претходно работно искуство во приватниот
сектор. Досегашниот в.д. директор Иле Костадиновски е назначен за помошник директор за правни, кадровски и општи работи во РЕК Битола. АД ЕСМ се заблагодарува за неговиот ангажман и посветеност во изминатиот период.
За директор на РЕК „Осломеј“, е назначен Сашо Вренцоски, дипломиран економист и истакнат стручен кадар со долгогодишно работно искуство во
комбинатот. На директорска позиција во Осломеј е именуван и Агим Садику, дипломиран економист со работно искуство во Управата за јавни приходи.
За в.д. Директор на подружницата ТЕЦ Неготино, е назначен Александар Галапчев, дипломиран инженер со работно искуство во термоелектраната.
Бобан Максимовски, со завршени академски студии од областа на менаџмент ќе биде управител на друштвото за производство на топлинска енергија ЕСМ производство на топлинa, инфомираат од компанијата.
Економија
„Алкалоид“ чекор понапред кон целосна дигитализација
Компанијата „Алкалоид“ започна со имплементирање на софтверската платформа AlkaLIMS, која има цел да изврши целосна интеграција на сите лабораториски процеси во компанијата, централизирано управување со податоците и со процесите, нивна следливост поврзана со контрола на производите, регулаторна усогласеност и стимулација за континуирано подобрување.
„Алкалоид“ започна процес на целосна интеграција на сите свои лабораториски процеси во рамките на сегментот ПЦ Фармација, преку имплементирање на современата софтверска платформа AlkaLIMS (Laboratory Information Management System). Спроведувањето на овој нов проект значи интегрирање на сите лабораториски процеси, вклучувајќи ја секоја процесна фаза – од земање примерок до издавање сертификат за анализа на производ во рамките на една дигитална платформа.
AlkaLIMS како софтверско решение се имплементира со цел значително унапредување на повеќе аспекти од лабораториското работење во рамките на Контрола на квалитет, Истражување и развој и Технички опeрации за произвoдство, меѓу кои: зголемување на ефикасноста и на продуктивноста; унапредување на регулаторната усогласеност, на можностите за обезбедување интегритет и следливост на податоците и на процесите поврзани со контрола на производите; централизирано управување со податоци; интеграција на севкупната аналитичка опрема во една платформа; намалување на оперативните трошоци и стимулација на процесите за континуирано подобрување.
Како напредно и отворено софтверско решение, AlkaLIMS нуди можност за тековно надградување со нови модули, во согласност со потребите на компанијата. Партнерска компанија на „Алкалоид“ во овој проект е светски реномираната корпорација LabWare од Соединетите Американски Држави.
AlkaLIMS е од стратешко значење во Профитниот центар Фармација, но и значајна референција во амбициозната агенда на „Алкалоид“ за целосна дигитална трансформација. Kако глобална и иновативна компанија, „Алкалоид“ континуирано ги следи светските достигнувања во развојот на фармацевтската индустрија, а приспособливоста и искористувањето на иновативните технологии се важен императив во насока на унапредување и на усовршување на сите аспекти во работењето.
(ПР)