Економија
Северна Македонија е атрактивна дестинација за странските инвеститори, рече Ковачевски на самитот на ЕБОР
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска се обрати на пленарната сесија на отворањето на инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон.
На оваа сесија на самитот, на кој присуствуваат голем број претставници на бизнисот и финансиските институции од Европа и светот, премиерот Ковачевски говореше за економските политики и за финансиската поддршка наменета за странските инвеститори, кои веќе покажале исклучително позитивни резултати и по кои Република Северна Македонија, како што рече, се препознава како атрактивна дестинација за странските инвеститори.
„Неколку прашања се од важност за инвеститорите кога треба да изберат каде да инвестираат, а тоа се макроекономската стабилност, колку се пријателски околностите за водење бизнис и дали е развиена инфраструктурата. Во однос на првото прашање имаме стабилна макроекономска слика и тоа е осигурено со стабилниот рејтинг на земјата, што го потврди и ‘Стандард и Пурс’. Со добри политики одржуваме стабилна макроекономска состојба и јавен долг кој е под нивото на земјите од регионот“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон.
Ковачевски додаде дека во земјата има стабилни финансиски текови со стабилна валута како столбот на макроекономската политика која со години ја одржуваме.
Во врска со поддршката што им ја даваме на инвеститорите во Северна Македонија, рече премиерот Ковачевски, атрактивните стимулативни мерки за инвестирање се покажаа како посебно атрактивни за инвеститорите кои доаѓаат од автомобилската и ИТ индустријата а ќе имаме стимулации и за другите инвестиции.
„Денес, во Северна Македонија домашните и странските инвеститори добиваат еднакво добра и силна поддршка, а програмите се целосно транспарентни и насочени кон нови вработувања. Инвеститорите имаат можност за соработка со добри домашни изведувачи, кои постојано се унапредуваат технолошки, што значи нова машинерија, нови технолошки процеси, зголемување на продуктивноста – сето тоа создава опкружување во земјата што во економска смисла е повеќе од посакувано, особено по првата негативна година од пандемијата“, потенцира претседателот на Владата, Ковачевски, на самитот на ЕБОР во Лондон.
Овие добри показатели влијаеја и на намалувањето на невработеноста, информира премиерот Ковачевски, и тоа ја достигна историски најниската стапка од 15,7 % за разлика од периодот пред 2017 година кога достигна речиси 30 %.
Ковачевски го издвои како особено значаен концептот за дуално образование како одговор на потребите на инвеститорите од стручна работна сила.
Во однос на најважните приоритети на Северна Македонија, премиерот Ковачевски ги истакна инфраструктурните проекти за актуелните фази од патното и железничкото поврзување со Република Бугарија, односно европскиот Коридор 8, кој го вклучува и вториот приоритет за поврзување на дистрибутивните системи за електрична енергија со Албанија, како и интерконекторот со Грција за поврзување со гас за стабилно снабдување со овој енергент.
На самитот на ЕБОР за инвестиции во Западен Балкан како посебно значајно се издвои прашањето на енергетската сигурност и трансформацијата на енергетските капацитети што работат со јаглен или мазут во капацитети што користат обновливи извори на енергија.
Ковачевски нагласи дека Северна Македонија има цел до 2030 година да ја оствари својата стратегија за целосна транзиција кон чисти енергетски капацитети и информира за трансформацијата на постојните електрани на фосилни горива во фотоволтаични централи, како и за поволните услови за инвестиции во соларни и ветерни електрани.
Како посебно значајни премиерот Ковачевски ги оцени инвестициите во иновации и дигитална економија и затоа како посебно добредојдени се вложувањата во ИТ-секторот за што постои огромен интерес и за работа во тој сектор каде што платите се повеќе од 2,5 пати поголеми од просечната плата.
На отворањето на инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон, на кој учествуваат и заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, говореа еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархељ, и претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

