Економија
Седница на Советот на Народната банка: Донесена е регулатива за операционализација на Законот за решавање банки
Советот на Народната банка донесе 12 одлуки со кои се заокружува регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес.
Со овие подзаконски акти се операционализира Законот за решавање банки, којшто беше донесен на 3.10.2023 година, при што со нив се регулираат два основни вида активности: активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа, известуваат од Народната банка.
Најзначајна активност во рамките на првата група активности е изработката на план за решавање за секоја банка и оцената на можноста за нејзино решавање. Целта на овие активности е обезбедување подобра подготвеност на Народната банка и банките за справување со кризни ситуации. Со цел да се зголеми отпорноста на банките во рамките на подготвителните активности, Народната банка ќе ја утврдува и висината на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ) којашто секоја банка треба да ја исполнува. Во согласност со Законот, банките треба да ја достигнат висината на оваа стапка најдоцна до 31 декември 2032 година. Исто така, за потребите на финансирањето на решавањето банки е предвидено создавање Фонд за решавање банки, којшто ќе се финансира од годишните придонеси на банките и од други извори. Народната банка ја пропишува методологијата за утврдување на висината на годишните придонеси на банките во Фондот, а исто така ќе одлучува и за неговата употреба во случај на решавање банка. Со втората група подзаконски акти подетално се регулираат активностите и инструментите за решавање и овластувањата и одговорностите на Народната банка во случаите кога се исполнети условите за решавање банка, соопшти Народната банка.
Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки. Во согласност со овој закон, Народната банка е надлежен орган за решавање банки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

