Економија
Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, се укинува царината на 13 медицински производи
Се замрзнува цената на медицинските маски и ракавици, а се укинува и царината на 13 медицински производи. Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска на прес-конференција во Владата презентираше нови мерки за справување со последиците од коронавирусот, Ковид-19.
Како што информираше Бектеши, како дополнување на одлуката која ја донесе Владата на 19 март, со која се замрзнуваат цените на основните прехранбени производи и дезинфекциски средства, Владата на вчерашната седница ја дополни оваа одлука со што се замрзнуваат и цените на потрошен медицински материјал и медицинска опрема и материјали. Замрзната ќе биде цената што била утврдена на 11 март 2020 година кога Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија на коронавирусот, Ковид-19.
„Целта на ова дополнување е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема коишто во изминативе неколку дена пораснаа за неколку пати поради зголемената побарувачка кај граѓаните како средства за основна заштита од коронавирусот. Овие цени, како и претходната одлука ќе се применуваат до 30 април 2020 година“, кажа министерот.
На Седницата на Владата беше донесена одлука за укинување на царината на 13 медицински производи, кои се увезуваат во делот на потрошен медицински материјал.
„Со оваа одлука 100 проценти се укинува царината за: етилалкохол со 80% содржина на алкохол и повеќе, етилалкохол и други алкохоли, денатурирани, сапуни за тоалетна употреба, производи и препарати за миење на кожа, во форма на течност или крем и приготвени за продажба на мало со или без содржина на сапун, детергенти, препарати за перење и препарати за чистење, пластична облека и прибор за облека, текстилни драперии кои се употребуваат при хируршки процедури, маски пластични со текстилен филтер, очила со стакла од пластични маси. Укинувањето на увозната давачка, царинската стапка на стоките ќе важи до завршување на периодот на постоење вонредна состојба“, информираше Бектеши.
Во делот на царината донесена е и уште една мерка која произлезе како барање на компаниите од месната индустрија. На предлог на Министерството за економија, како што кажа Бектеши на вчерашната седница на Владата, донесена е одлука за четири месеци да се продолжи рокот до кој месната индустрија ќе може да увезува замрзнато месо без царина, односно до 31 октомври.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

