Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата, да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали кои што се користат во домашната индустрија и енергетика, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со околу 70 производи кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со стопанската комора, вклучува намалување до 50% на царинските стапки кои важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа, зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царини за стоките со потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој што испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот со што директно ќе влијае на раст на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот План за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година, поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти на 72,40 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) скокна за пет проценти на 71,40 долари за барел.
Според Ројтерс, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година, кога започна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на „Брент“ ги одразува не само тековните ризици за снабдување, туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае, за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува Танјуг.
Економија
Инспекторите секојдневно се на терен, угостителите и трговците да издаваат фискални сметки

Управата за јавни приходи ги потсетува сите угостители, трговци и вршители на дејност на законската обврска да го регистрираат готовинскиот промет преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за секоја наплатена стока или услуга.
„Покрај тоа, деловните субјекти се должни да го евидентираат остварениот промет и да го уплатат кај носителот на платниот промет, најдоцна наредниот ден по денот на реализација на прометот. Оваа обврска важи за сите кои вршат готовински промет, без разлика дали се обврзници за ДДВ или не, како и без оглед на тоа дали дејноста е постојана или сезонска“, велат од УЈП.
Од таму додаваат дека активностите се дел од мерките кои Управата за јавни приходи ги презема заради зајакнување на даночната усогласеност и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници.
„Работењето во согласност со законските прописи придонесува за создавање транспарентно деловно опкружување, фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и државата. Непочитувањето на законската обврска и нерегистрирање на готовинскиот промет, согласно ЗРГП повлекува санкции и тоа изрекување глоби и затворање на деловните објекти“, велат од УЈП.